
Младите музичарки Дина Марковска и Јована Удовиќ ќе одржат концерт во КСП „Центар-Јадро“
Концертот на Дина Марковска (флејта) и Јована Удовиќ (виолина) ќе се одржи на 6 април (сабота), со почеток во 19 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје, а на програмата се дела од повеќе композитори.
Препорачано
Виолинистката Јована Удовиќ ќе настапи со Соната за соло виолина бр. 2 во а-мол (BWV 1003) од Jохан Себастијан Бах и Рецитатив и Скерцо-каприц, оп. 6 од Фридрих Крајслер.
Флејтистката Дина Марковска ќе ги изведе делата Фантазија бр. 10 во фис-мол за соло флејта од Георг Филип Телеман, Инкантации за соло флејта од Иван Јевтиќ, Соната апасионата оп. 140 за соло флејта од Зигфрид Карг-Елерт и Дует бр. 4 во ф-дур од Вилхелм Фридман Бах заедно со Јована Удовиќ.
Дина Марковска е родена во Скопје 2003 година, а од 2012 живее и учи во Белград. Своето музичко образование го започна на 10 години, кога се запиша на отсек флејта во Музичкото училиште „Јосиф Маринковиќ“, во класата на професорот Константин Мирковиќ. Од 2020 година работи со професорот Александар Буркерт во Средното музичко училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун, каде и го завршува средното музичко образование.
Моментално е студент на втора година на основните академски студии на Факултетот за Музичка уметност во Белград во класата на професорот Миомир Симоновиќ. За сите овие години настапува на бројни училишни и академски концерти како солист, камерен и оркестарски музичар во разни ансамбли, како што се хор на флејти, дуо со виолина, дуо со обоа, квартет на флејта со гудачи, дувачки квинтет и симфониски оркестар.
Има настапувано во многу концертни сали, како што се Големата сала на „Коларчева задужбина“, Галеријата на „Коларчева задужбина“, „Параброд“, МТС Дворана, „Гварнеријус“, Студентски културен центар, Српска академија на наука и уметност, како и на сцената на Македонската опера и балет.
Исто така има настапувано и освојувано први награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ (2021 и 2024), меѓународните средби на флејтисти „Тахир Куленовиќ“ (2021 и 2023), меѓународен натпревар „Охрид, те сакам“ во Македонија (2022), „Zemun international music competition“ (2021, 2022 и 2023, каде што беше прогласена за Лауреат на категорија), „Смотра на музичките таленти на Србија“ (2023) и други. Во јуни 2023 година освои и второ место на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во Охрид, Македонија, и воедно беше најдобра во најстарата категорија на овој натпревар.

Дина Марковска има посетувано и мајсторски курсеви и работилници каде има соработувано со професорите Матеј Зупан (Словенија), Паоло Табалионе (Италија), Вали Хасе (Германија), Карл-Хајнц Шуц (Австрија), Матју Госи-Онселан (Австрија), а во 2023 година беше и дел од Летната академија во Ница, Франција, каде што соработуваше со професорот Винсент Лука (Франција). Исто така, учествуваше на оркестарскиот семинар во организација на Фејм‘с институтот во Скопје, каде соработуваше со професорот Владимир Николов и диригентот Џијан Емин, со чиј оркестар во склоп на овој проект настапи и на отварањето на Скопје џез-фестивал 2023.
Јована Удовиќ е родена во Белград, во 2004 година. Таа го има започнато своето музичко образование во Белград на 8 години, во класата на професорката Лидија Ранковиќ. Во 2012 го завршува своето средно музичко образование во Училиштето за музички таленти во класата на професорот Драгутин Младеновиќ со награда за најдобра изведба на дипломскиот испит. Моментално е студент на втора година на Факултетот за музичка уметност во Белград кај професорот Роберт Лакатош.

Од самиот почеток на своето музичко образование таа има освоено многу награди на меѓународно и национално ниво, од кои најзначајни се: прва награда на натпреварот „Васко Абаџиев“ во Бугарија; прва награда и специјална награда за изведба на романски автор на „Eugen Cuteanu“ натпревар во Романија (2015); прва награда и Лауреат на Републички натпревар во Србија (2014, 2016, 2018, 2021); прва награда и специјална награда на „Art Center“ на натпреварот „Talents for Europe“ во Словачка (2017); трета награда на „Jaroslav Kocijan“ натпревар во Чешка (2017); Лауреат и прва награда на „International String Competition“ во Ниш, Србија (2017, 2019); втора и прва награда на „Охридски бисери“ натпревар во Македонија (2018, 2020).
Јована е носителка на наградата „Свети Сава 2020“ од Министерството за образование, наука и технолошки развој на Република Србија, а на филмскиот и музички фестивал „Kustendorf Classic“ во Србија таа во 2023 доби специјална награда од семејството Кустурица. Во 2021, на покана на член на жирито на „Охридски бисери“, таа настапи на „Виолин фест“ во Македонската филхармонија во Скопје.