Фотографија од минатогодишната донаторска акција

Младинската платформа „Култура Бета“ по вторпат ја организира донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа

Во рамки на второто издание на фестивалот за алтернативна, младинската и критичка култура „Ре-култура“, што го организира здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ во соработка со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“, по вторпат е отворена донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа.

„Ги повикуваме сите пријатели, поддржувачи, издавачи, музичари, фанатични колекционери и сите кои сакаат да им олеснат на своите библиотеки, да предложат добра музика на некои нови луѓе и да бидат дел од градењето на независна младинска култура, да ги донираат своите стари книги, плочи и цедеа (што се во добра состојба) во кафе-книжарницата ‘Илика’“, велат од „Култура Бета“.

Собраните книги ќе бидат изложени на донаторски базар во рамки на фестивалот „Ре-култура“, што ќе се одржи на 26 и 27 септември, а собраните средства ќе бидат вложени во поддршка на локалната младинска културна сцена, организирање настани и објавување независни изданија.

Акцијата трае од 18 август до 18 септември, а старите книги, плочи и цедеа можат да се донесат во кафе-книжарницата „Илика“ од понеделник до сабота, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот.

„Со оваа акција сакаме да придонесеме кон освестување на заедницата за директно учество во независната култура и културните настани, меѓусебна помош и поддршка и за поголемо вмрежување на уметниците. Како и да ја подигнеме свеста за реупотреба на старите предмети, а на овој начин можат да добијат втора шанса кај некој нов вљубеник во уметноста“, додаваат од „Култура Бета“.

Целата програма за фестивалот „Ре-култура“ ќе биде објавена наскоро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот