Младинска платформа за зајакнување на младите во Пелагонискиот регион

Фото: Про Локал Битола

Првата младинска платформа имплементирана во Пелагонискиот регион е насочена кон справување со предизвиците со кои се соочуваат младите, нивно зајакнување, и има за цел да ја унапреди соработката помеѓу граѓанскиот и јавниот сектор.

Платформата се формира во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ имплементиран од невладината организација од Битола „Про Локал“ а со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

-Првата младинска платформа е нова ера за зајакнување на младите во Пелагонискиот регион. Со деветте општини од Пелагонискиот регион, потпишавме меморандум кој означува колективна заложба за искористување на човечките и финансиските ресурси за позитивно трансформирање на условите за живот на младите во регионот. Овој пионерски проект означува голем скок кон унапредување на соработката помеѓу граѓанскиот и јавниот сектор, со крајна цел за подигање на гласот на младите во заедницата. Сто нови млади ги збогатија нивните знаења и вештини, сите во стремеж за подобрување на нивната заедница. Воспоставувањето на оваа платформа означува храбар чекор напред, олицетворувајќи ја нашата заедничка определба да поттикнеме позитивна промена за младите во нашиот регион-вели Емилија Ѓероска, претседателка на „Про Локал“ Битола.

Заменик амбасадорот на Кралството Холандија, Роберт Декер истакна дека младите во Пелагонија со нивниот проактивен став кон општествените предизвици, ги инспирираат нивните врсници од целата држава, притоа додавајќи дека платформата како критичен механизам е за континуиран успех на соработката меѓу локалните власти и граѓанскиот сектор.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека Младинската платформа ќе функционира на принцип на еднаквост и ќе носи одлуки со еднакво право на глас меѓу политичарите и граѓанските активисти.

-Општинските врати се секогаш отворени за младите за нивните свежи идеи и предлози насочени кон општествено подобрување. Многу е важно младите во Пелагонискиот регион преку нивните граѓански организации, но, и лично, да ни пристапат во ова здружување да работиме заедно, да ги мапираме предизвиците со кои се соочуваат. Ветувам дека силно ќе се посветиме да не ја заробиме нивната креативност и енергија во нашите обрасци, формулари и прописи. Токму таа е и смислата на оваа платформа-рече на потпишувањето на Меморандумот за воспоставување на првата регионална Платформа за млади во која членуваат 18 субјекти, односно девет општини од Пелагонискиот регион и исто толкав број на невладини организации.

Инаку, во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ беа одржани над 1600 активности за зајакнување на младите како: работилници, семинари, дебати, но, и реализација на мали инфраструктурни проекти, кои се кофинансирани од проектот, но, и од деветте локални самоуправи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот