
Младеновски: Со двоцифрена победа над Естонија шансите за пласман на ЕП се зголемуваат
Кошаркарот на Работнички, Љубомир Младеновски е еден од оние играчи кои се наоѓаат на списокот на селекторот Александар Тодоров, а се наоѓа во натпреварувачки ритам.
Препорачано
Тој заедно со Работнички освен што има настапи во првата лига, изминатиот период имаше и силни натпревари во АБА 2 лигата каде тимот од Градски парк оствари по две победи и два порази.
– Конечно по помало одложување во домашната првенство, почнавме пред две и пол недели со мојот клуб, Работнички во АБА 2 лигата, каде се играше по еден турнирски систем. Би се рекло, се собраа доста натпревари за кратко време. Завршивме пред неколку дена. Имавме и неколку дена да се одмориме, да се опоравиме. Сега ни е прв собир со репрезентацијата. Малку е тешка ситуацијата поради вирусот, со оние тестирања, со заболени, моменти во кои не се знае ништо, ни кој ќе патува, во кој состав ќе бидеме во Талин. Овие неколку дена ќе тренираме тука, во Скопје. Во понеделник патуваме за Естонија. Позитивно е тоа што ќе бидеме неколку дена порано во Талин. И се надевам дека ќе имаме доволно време да се воиграме со новиот Американец и со Војдан. И со нив заедно во тимот да одиме на двоцифрена победа против Естонија – вели Младеновски.
Македонската репрезентација во „меурот“ во Талин од 28. до 30. ноември ќе игра против селекциите на Италија и Естонија во квалификациите за ЕП 2022 година.
– За Естонија знам повеќе, затоа што веќе игравме еден натпревар дома. Немаат некоја висока екипа, и играат доста брза кошарка. Тоа во овој момент можеби и ќе ни одговара, затоа што имаме дефицит на високите позиции. За средбата со Италија, немам некои детални информации. Знам дека резултатот им е во ‘втор план’. Дека играат со подмладен состав и дека покрај тоа, исто така биле квалитетни. Иако првиот натпревар ни е со Италија, лично мислам дека нашиот фокус треба да го поставиме на втората средба, со Естонија. За да се сконцентрираме на него, и да победиме со двоцифрена предност, и за да ни остават ‘живи’ шансите за пласман на Европското првенство- додава Младеновски .
И тој и останатите негови репрезентативни соиграчи утринава го поминаа она второ тестирање од коронавирусот реализирано во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, со надеж дека во понеделник наутро, од шест часот, со сите расположиви сили во овој момент, ќе тргнат кон главниот град на Естонија.