
Митревски: Победите над Швајцарија ни дадоа дополнителна сигурност
Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за она што следува од 2 август, настапите во втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година во Катар.
Препорачано
По 10 дена работа во Гевгелија, односно во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски бањи, сениорите се вратија во Скопје со нови тренинзи во СРЦ „Кале“. Избраниците на селекторот Марјан Илиевски триумфираа во двата пријателски натпревари против Швајцарија со 62:56 и 65:52 во Негорски бањи.
– Подготовките течат одлично, победите над Швајцарија ни дадоа дополнителна сигурност. Бевме во Гевгелија од 17 јули, и навистина работиме интензивно, и физички и тактички. Атмосферата во тимот е супер, сите сме фокусирани на заедничката цел – да се подготвиме максимално за претквалификациите за Светското првенство. Одигравме два пријателски натпревари со Швајцарија и двата натпревари ги победивме, што ни даде голема самодоверба, но и добра слика каде сме моментално – вели македонскиот репрезентативец Андреј Митревски кој имаше одлични минути во мечевите со Швајцарците.
На 30 јули (среда) во попладневните часови, планирано е заминувањето во Куманово, каде ќе бидат реализирани завршните тренинзи од подготовките пред натпреварот против селекцијата на Романија кој е закажан за 2 август (сабота), ќе се игра во комплетно реновираната спортска сала во Куманово, а ќе стартува од 20.00 часот.
– Секој дава максимум, без разлика дали се игра или се тренира. Ни преостана нешто помалку од една недела за да се спремиме и да дадеме максимум на натпреварите што следат против селекциите на Романија и Унгарија. Во сабота нè очекува првата средба против репрезентацијата на Романија во Куманово каде очекуваме да имаме голема поддршка од трибините. Како подмладена репрезентација, знаеме колкава е одговорноста, па затоа сме максимално ангажирани за постигнување на добар резултат – се зборовите на младиот бек Митревски.