
Митески: Ќе изградиме топлификациона мрежа за да го решиме загадувањето во Аеродром
Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески, најави изградба на нова сообраќајна инфраструктура, посочувајќи дека ќе биде потребно заедничко решение со Град Скопје за конечно чистење на депонијата Вардариште и за нејзино претворање во парк.
Кандидатот за градоначалник на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески, во гостување на „Студио 10“ на ТВ 24 истакна дека загадувањето е сложен проблем, но нагласи дека неговата партија има подготвено програма со конкретни решенија за општината.
Препорачано
– Предвидуваме решавање на еден аспект од загадувањето со изградба на топлификациона мрежа, проект со Владата на Македонија за изградба на гасна когенеративна централа и развој на 110 км топловодна мрежа во населба Лисиче, Горно Лисиче, Долно Лисиче. Ќе отстраниме во наредниот период еден дел од причините за загадувањето – рече Митески.
Митески зборуваше и за сообраќајот, при што нагласи дека во план е изградба на нова сообраќајна инфраструктура.
– Предвидуваме изградба на нова сообраќајна инфраструктура, нови поврзувања кои што ќе го олеснат сообраќајот и ќе го намалиме загадувањето од возилата. Предвидуваме решавање на депонијата Вардариште, заедно со градоначалникот на Град Скопје, имајќи предвид дека ни е неопходна поддршката од Град Скопје за да можеме конечно да ја исчистиме таа депонија. Да изградиме нов парк и таа депонија да стане минато, а новиот парк да биде симбол на тоа дека ги слушаме граѓаните, се бориме заедно со нив и предвидуваме односно имплементираме решение – рече тој.
Митески посочи дека редовно се чисти и секојдневно повеќе од 10 тони отпад се носат во депонијата Дрисла.
Тој најави и зајакнување на инспекциските служби со цел да се спречи создавање диви депонии, отворање дежурна линија за нивно пријавување и формирање тимови за брзо отстранување на новонастанати диви депонии.