
Мирисот на кафе ја спречи изградбата на 800 станови во Хамбург?
Наместо да донесе радост, мирисот на свежо печено кафе предизвикува проблеми во овој случај! Голем станбен проект во источен Хамбург, вреден 240 милиони евра, моментално е во мирување. Причината е силниот мирис на кафе од блиската пржилница на Чибо. Хамбург со години страда од сериозна станбена криза. Според проценките, на градот му недостасуваат околу 20.000 станови.
Препорачано
Еден од клучните проекти што треба да помогне во решавањето на овој проблем е Остербрукхофе, планиран во областа Хам – каде што до 2027 година треба да се изградат повеќе од 800 станови, две градинки, супермаркет и спортски центар. Сепак, проектот на површина од 3,8 хектари моментално е во мирување. Чибо работи на локацијата со децении, а сега може да биде пречка за еден од најголемите развојни проекти во градот.
Властите на хамбуршкиот округ Мите, во соработка со Чибо, нарачаа детална анализа на емисиите на мириси во согласност со упатствата на германската регулатива TA Луфт, која ги дефинира прифатливите нивоа на загадување на воздухот за различни видови градби. Според правилата, новите згради мора да исполнуваат построги барања во однос на мирисот и бучавата од постојните згради. Сепак, постојат технички решенија што би овозможиле проектот да продолжи. Тие вклучуваат инсталирање нови филтри и поставување повисок оџак, пишува Феникс магазин.
Градот Хамбург е подготвен да ги кофинансира трошоците за адаптирање на фабриката Чибо, но дискусиите за тоа кој колку ќе сноси сè уште се во тек. Додека не се постигне договор, процесот на урбанистичко планирање останува блокиран.