
Министерството за транспорт и „Биди Зелен“ ќе работат на планирање и изградба на велосипедска мрежа
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со стручните служби од Секторот за урбанизам и патен сообраќај, оствариле работна средба со претставници на граѓанското здружение „Биди Зелен“ на која се разговарало за инфраструктурата за велосипеди, како да се подобри и за субвенции за купување на нови веосипеди.
Препорачано
Според Министерството за транспорт, тема на средбата била иницијативата на граѓанското здружение во однос на креирање на нови прописи со кои се уредува планирање и проектирање на велосипедска инфраструктура во населено место и надвор од него. На средбата бил утврден недостаток на инфраструктура за велосипеди како услов за безбеден сообраќај од една страна, но и како еден од главните фактори за намалување на аерозагадувањето.
Николоски ја поздравил оваа иницијатива и истакнал дека Министерството е подготвено со заедничка соработка со граѓанските здруженија да се креираат нови нормативи и стандарди како во иднина квалитетно би се планирала и би се реализирала вело-инфраструктурата.
Тој додал дека Министерството е подготвено за во следната буџетска година да се предвидат и средства за субвенции за купување на нови велосипеди со цел да се намали користење автомобили и да се влијае врз намалување на аерозагадувањето како мерка за заштита на животната средина.
-Во следниот период, стручните служби од Министерството и претставници од граѓанското здружение „Биди Зелен“, заеднички ќе работат на креирање на нови прописи за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска мрежа – се наведува во соопштението.
Николоски испратил и апел до сите општини, во рамките на финансиската поддршка за општините од 250 милиони евра планирана за следната година, општините да аплицираат за проекти за изградба на велосипедски патеки со цел да се подигне квалитетот на вело-инфраструктурата на општинско ниво и да се поттикне користење велосипеди во урбаните средини.