Мини-фестивалот „Светско, а наше“ во „Јавна соба“ продолжува со концерт на „Фолтин“

Плакат за концертот на „Фолтин“ во „Јавна соба“

По одличниот концерт на Зарина Првасевда во рамките на мини-фестивалот „Светско, а наше“ минатата сабота, низата концерти кои го исполнуваат поткровјето на „Јавна соба“ продолжува на 2 март, во 21 часот, со настап на битолската група „Фолтин“.

Музиката на „Фолтин“ е непредвидлива и предизвикувачка, надреална, страсна и духовита, динамична, полна со изненадувања и спојува многу жанрови.

Групата постои од 1996 година. Зад себе имаат девет самостојни албуми, музика за преку триесетина театарски претстави, за десетина филмови, меѓу кои и кандидатот за Оскар, „Медена земја“, и интернационално најнаградуваниот филм „Исцелител“.

Со концертни настапи и театарски перформанси во живо гостувале во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.

Освен на македонски, англиски и француски јазик, пеат и на таканаречен „спонтан eсперанто“, имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици.

„Фолтин“ себеси се опишуваат како псевдо-емигрантско кабаре и работат во состав: Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника, Бранислав Николов – гласни и други жици, Пеце Трајковски-Брада – дирки, гитара, перкусии, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани.

Фестивалот „Светско, а наше“, кој се одвива секоја сабота во „Јавна соба“, има за цел да претстави македонски групи кои имаат успех на светската музичка сцена и досега настапија „Калата“ и Зарина Првасевда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот