Милица Стојанова, бард на македонското глумиште: Немав право на слабост, се борам со своите внатрешни лавиринти, но имам многу љубов кон животот!

За себе скромно вели дека е едноставно човек, со слабости и по некоја доблест, со таги и радости, но пред сѐ со многу волја и љубов кон животот.

Македонската легендарна глумица Милица Стојанова, која неодамна наполни 89 години, ни направи чест и го отвори своето срце говорејќи за помалку познати работи за неа. Со оглед на тежината на личноста пред мене, во интервјуто вклучив неколку мои пријателки кои ѝ поставија прашање, но и две блиски пријателки на Милица – познатата глумица Лилјана Велјанова и Емилија Џипунова, балерина во пензија и теоретичарка на балетска уметност.

Животот на театарската сцена го започнува во 1952 година, кога ја игра Фафи во претставата „Помалата сестра“  Фото: Приватна архива

Љубовта кон глумата ја покажала уште од најрана возраст, глумејќи во училишните приредби во градот каде што израснала, Крива Паланка, под закрила на чичко ѝ со кого живеела од четиригодишна возраст. Судбината навивила таа да стане глумица, па така, на една од тие претстави ја забележал еден свештеник, поп Славчо, кој години подоцна ќе ја информира дека излегол конкурс за Средна државна театарска школа во Скопје. А кога поаѓате некаде со благослов од свештеник и поддршка и дозвола од најблиските, патот ви е осветлен, ваше е само да се фокусирате на работните задачи и да успеете да го обезбедите својот простор. Секако, и да имате талент. Во случајот на Милица, извонреден талент. И многу, многу работа.

По неколку помали улоги, во 1958 година Милица се соочува со првиот голем предизвик, кога ја игра улогата на Ана Франк („Дневникот на Ана Франк“ во продукција на МНТ и режисерско деби на Димитрие Рули Османли во Скопје )

Александра Бубевска, новинарка од културата, прашува: Во кариера долга повеќе од шест децении, по улогите во делата на Шекспир, Чехов, Молиер, Иљоски, Стефановски, Георгиевски, Нушиќ и многу други, по соработки со режисерите од цела поранешна Југославија, можете ли да ни опишете некоја сцена од театарот или од животот, иако за вас тоа е едно исто која ви останала во сеќавање, а што била важна за Вас заради тоа што го формирала вашиот актерски и уметнички однос кон театарот, но и кон животот?

– За мене, како што и самата забележувате, не постои граница помеѓу животот и професијата, поточно театарот. Некои можеби тоа би го осудиле, за некои можеби тоа би било чудовишно, но, тоа е мојата интимна вистина. Мојот интимен живот се ткаеше со конците на професионалниот живот и на уметничките и естетски вредности кои се градеа низ годините. Многубројните ликови кои ги одиграв уште од најраната возраст, уште како ученичка во Средната државна театарска школа, па потоа на сцените во МНТ, Драмски театар, низ другите театри во Македонија, а и во рамки на драмската и радиопродукцијата на МРТВ, од Рако во „Госпоѓа министерка“, Ана Франк во „Дневникот на Ана Франк“, Елиза Дулитл во „Пигмалион“, леди Макбет во „Макбет“, Бети Хансдорфер во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“, Параскева во „Дупло дно“, Султана во „Диво Месо“, па сè до последната Алма Малер, во 2016 година, и сите над 200 ликови, се фрагменти од мојата личност и од мојот живот. Тоа значи дека не ги толкував и обликував само јас ликовите, туку и тие обликуваа различни аспекти од мојата личност, од моите светогледи. Ме научија дека светот и животот неминовно се постојана смена на радоста и на тагата, на грдото и убавото, на страдањето и спокојот. Ништо не треба да се земе здраво за готово, сè е една трамболина. Сите ликови кои поминаа низ моето битие разбудија одредено делче, скриено или веќе увидено од мојата личност. И она што е најважно, ме научија ни себеси да не се сфаќам здраво за готово, и секогаш да бидам спремна за нова неистрасирана патека. Борбеноста и волјата можат да ги надминат кршливоста, кревкоста и стравот. Тоа ми го покажаа моите улоги, моите сопатнички. Со еден збор, тие ме еманципираа и сторија светот да го согледувам онаков каков што е, без украсувања. Ме направија похрабра за сите предизвици, а предизвици имав многу, особено животни.

Бегав во ликовите кои ги толкував. Всушност, бегав токму заради тоа – за да се најдам себеси, за да ја преиспитам својата животна приказна, своите животни подеми и падови.  Моите улоги беа пристаниште во кое се вкотвуваше мојата личност / Фото: Приватна архива

Ана Бунтеска, поетеса, прашува: Дали додека сте биле во некоја улога сте се почувствувале дека го играте сопствениот живот, или себе во некој период од животот?  

– Јас бегав во ликовите кои ги толкував. Всушност, бегав токму заради тоа – за да се најдам себеси, за да ја преиспитам својата животна приказна, своите животни подеми и падови. Моите улоги, ликовите, беа пристаниште во кое се вкотвуваше мојата личност. И затоа не е лесно да се одвои некоја од тие жени, дури можеби би било неправедно. Ако издвојам некој одреден лик тоа е како со хируршки рез да сум отсекла дел од својата личност. Сепак, ќе се обидам да артикулирам два клучни женски лика кои можеби се најдлабоко проникнати во мојот живот – тоа се Бети Хансдорфер од „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ и А во „Алма Малер“. И двете, сосема на различен начин се жени кои се обидуваат да им пркосат на стереотипните културни норми, на малограѓанските предрасуди, минувајќи храбро низ трнлив пат за да го најдат својот спокој.

Фото: Приватна архива

Ивана Манасиевска, новинарка, прашува: Со кој режисер најубаво сте соработувале и зошто? 

– Секој режисер има свој метод на работа. Вештината на актерката е да биде отворена за секој режисер и низ критички разговор да се разберат со него или неа за тоа што треба да се работи. Не би можела ниту еден да издвојам бидејќи со секој/а имам различно и неповторливо искуство и за добро и за лошо. Сепак, би ги издвоила извонредните и поттикнувачки соработки со Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Слободан Унковски, Димитар Станковски, Тодорка Кондова Зафировска, Гарет Морган, Бојан Дановски, Вили Цанков, Мата Милошевиќ, Паоло Маџели и многу, многу други.

Фото: Приватна архива

Ивана Манасиевска, новинарка, прашува: „Театарџиите“ обично велат дека лошата претстава е на режисерот, добрата на актерите. Зошто?

– Затоа што театарот е колективна проефесија. Никој не може да биде поединечно добар и заслужен. Секој е важна навртка во организмот на театарот. Сепак, јасно е дека колку и да е добар режисерот, не би можело претставата во целост да биде добра доколку актерскиот ансамбл не ги спои во еден здив сите елементи и доколку не е сè до детали анализирано и разработено, што би довело до врвен квалитет. И обратно, дури и режисерот да нема некогаш капацитет да направи темелна сценска и драматуршка разработка на делото, и да не е доволно подготвен да ги даде вистинските назнаки, актерите можат да ја „извадат“ претставата и самите, како колектив да ги почувствуваат точните насоки според кои таа треба да се гради и со тоа да ѝ помогнат на претставата.

Фото: Приватна архива

Јасмина Кантарџиева Димков, новинарка, прашува: Беше ли тешко да се биде жена – актерка во периодот на поранешна Југославија? Дали е денес полесно да се биде актерка во денешна РС Македонија?

– Мојот впечаток е дека во овие наши култури никогаш не е едноставно да се биде жена. Колку и жената да е успешна во својата професија, секогаш го врви потешкиот пат за да биде верификувана соодветно. Воедно, жената, без оглед на тоа која професија ја има, секогаш, во доминатниот број случаи, се грижи и за домаќинството – бидејќи тоа се подразбира и не се смета за дополнителен труд и влог. Така што, и покрај тоа што уште во СФРЈ се инсистираше на рамноправност, а сега веќе и со закон се уредуваат аспектите на таа рамноправност, сепак ми се чини дека овие култури сѐ уште не се доволно еманципирани во однос на жената и професионално и приватно. И тогаш, а гледам и сега, не се прифаќаат целосно отстапките од конвенцијата, од очекувањата во одбраниот животен пат. И сите се судии на туѓиот живот, на туѓите постапки, што е карактеристично за паланечките култури. Јас многу не се грижев за тоа што мислат другите, особено не за моите приватни избори во животот, а професионално, и кога имаше меѓучовечки и меѓуродови непријатности, со сета моја волја се фокусирав на работната задача и така успевав да го обезбедам својот простор. Ако сте посветен и добар во она што професионално го извршувате, не ви може ништо ниту патријахатот, ниту малограѓанштината. Можат да ви отежнат, но не и да ве уништат.

Фото: Приватна архива

Јасмина Кантарџиева Димков, новинарка, прашува: Која е Милица надвор од сцената?

– Понекогаш ми се чини дека до крајот на животот ќе талкам и ќе го барам одговорот на ова прашање. Но, едно со сигурност знам – Милица е жена која немала право на слабост, која немала простор за отсуство на одговорност, која уште како дете, посвоено од четири години кај својот чичко, ревносно ги извршувала од темни зори сите домашни обврски, на која ѝ е важно да биде потпора на другите, која сака да биде и сама, на која ѝ е важно со љубов да им пристапува на сите нешта што ги прави. Милица е жена која ја сака едноставноста, но се бори со своите внатрешни комплицирани лавиринти. Милица е едноставно човек, со слабости и по некоја доблест, со таги и радости, но пред сѐ со многу волја и љубов кон животот.

Сите се судии на туѓиот живот, на туѓите постапки, што е карактеристично за паланечките култури. Јас многу не се грижев за тоа што мислат другите, особено не за моите приватни избори во животот / Фото: Приватна архива

Емилија Џипунова, балерина во пензија и теоретичар на балетска уметност, прашува: Што мислите за пријателството воопшто како поим пријателство?

– Нема поважно од тоа во животот да се воспостават длабоки, трајни, проникнувачки релации. Пријателството е комплексна категорија, која подразбира пред сѐ грижа за другиот, капацитет да се погледнеме себеси низ погледот на другиот. Пријателството не е само беспредметно одобрување, туку сериозно критичко заедништво. Поткрепа и за добро и за лошо. Пријателството треба да содржи во себе и сериозна истрајност да патуваме заедно и долготрајно без оглед на различностите и несогласувањата. Пријателството е љубов и слобода да се остане она што си, во заедништво со другиот… И пред сѐ пријателството подразбира безрезервна доверба. Роднините ни се дадени, а пријателите се избор по сродност.

Фото: Приватна архива

Лилјана Велјанова, актерка, прашува: Дали сите тие импресивно бројни песни кои знаете да ги интерпретирате мелодиски и со неверојатно познавање, односно паметење на текстовите на повеќе јазици, оставиле трага во Вашата душа, па затоа сте ги запаметиле?

– Јас од многу мала многу сакав да пеам. И така е до денес. Пеам и сама, а сакам да ја споделам песната и со блиските. Пеењето за мене е алатка за создавање на спокој во немирот. Мојот брат Ацо, кога ќе му речев дека ми се пее, знаеше да рече, повторно ли ти се плаче. Токму така, освен радост, пеењето е мојот канал за проголтување на солзите. А песните кои се мојот постојан репертоар и кои ми се чини дека и на смртната постела ќе имам сила да ги запеам, секако дека се со елегична, лирска содржина и дека се во релација со некои мои најдлабоки превирања во емоциите и во умот. Тие ме одразуваат исто како и улогите.

Пеењето за мене е алатка за создавање на спокој во немирот. Мојот брат Ацо, кога ќе му речев дека ми се пее, знаеше да рече, повторно ли ти се плаче. Токму така, освен радост, пеењето е мојот канал за проголтување на солзите. / Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот