Зоран Милановиќ
Зоран Милановиќ / Фото: Принтскрин/Индекс.тв

Милановиќ е лут на Брисел: „Нѐ третираат како мизерни лузери“

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска изјави дека ЕУ се однесува недозволиво кон неговата држава, наведувајќи го како пример „дрското и скандалозно писмо“ на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел до хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.

Тој не откри каква била содржината на писмото, но навести дека тоа се однесува на барањето на Хрватска да учествува во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. Милановиќ рече дека не сакал да зборува за тоа порано за да не го загрози влезот на Хрватска во Шенген, со што според него „завршила хрватската историја“, бидејќи „сите крадци ќе можат да влезат во Хрватска без надзор, без гранична контрола“.

– Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жозеп Борел, испрати „скандалозен, груб, лажен, манипулативен, неточен“ одговор до Грлиќ Радман, вели Милановиќ.

Тој тврди дека Борел, кого го нарече „хистеричен“, „се заканува наоколу“, а во своето писмо „измислува“ резолуции на Советот за безбедност и одлуки на европските совети за Хрватска да не учествува во АЛТЕА.

Во мисијата учествуваат повеќе од илјада војници од 20 земји, но не и Хрватска, на чие учество се противат бошњачките политичари и некои европски земји. Претседателот на Хрватска побара Грлиќ Радман да го објави одговорот на Борел на писмото, нагласувајќи дека тоа не е тајна, и најавувајќи дека во спротивно тоа ќе го направи тој.

„Нѐ третираат како мизерни губитници“, оцени Милановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот