
Мицкоски најави нова реформа во администрацијата: Институциите за пет дена да одговорат на барањата на граѓаните
Премиерот Христијан Мицкоски најави нова услуга во администрацијата со која граѓаните во рок од пет дена ќе добиваат одговор од институциите, без чекање. Ќе се стави крај на одложувањата и бирократската ароганција, вели премиерот.
Препорачано
„Предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба, туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Премиерот исто така најави дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.