
Мицкоски избира да покаже среден прст на Собранието за Коцевски, реагира Левица
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврдија дека сопствените функционери и партиски подлизуrковци им се далеку побитни од вистината, одговорноста и правдата за прерано изгубените млади човечки животи во Кочани, реагира „Левица“ на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека јавниот обвинител Љупчо Коцевски и да сакаат не можат да го разрешат, иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за интерпелацијата што ја поднесе Левица за Коцевски.
Препорачано
– Политичкото лицемерие на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ не знае за граници. Пред три дена, пратениците на ДПМНЕ под јавен притисок гласаа „За“ интерпелацијата на Левица за државниот обвинител Љупчо Коцевски. Пред два дена од партијата побараа обвинителот да си поднесе оставка. Денес, пак, премиерот обзнани дека и покрај законските можности, Владата нема намера да го разреши Љупчо Коцевски – констатира Левица.
Партијата порачува дека релативизирањето на процесот е јасен политички пазар, односно како што велат, Владата ја стопира интерпелацијата за обвинителот Коцевски, а тој преку неосновани и тешко докажливи обвиненија ги амнестира од одговорност функционерите на Мицкоски за случајот во Кочани.
– И покрај тоа што пратениците од партиите на власта ja гласаа интерпелацијата за Коцевски, Христијан Мицкоски избира да покаже среден прст на Собранието, како единствена институција која директно ги претставува граѓаните, па дури и на гласот на сопствените пратеници. Ова релативизирање на процесот е јасен политички пазар. Со ваквата политика на Владата тоне и последната надеж дека ќе има правда за загубените млади животи во Кочани. Левица го осудува неследењето на народната волја од страна на здружените Мицкоски и Коцевски искажана преку Собранието. Ова го оценуваме како спремност на лидерите на овие две високи јавни функции да прегазат преку човечки животи без никаков проблем, само за да ги задоволат сопствените и лукративните интереси на своите соработници – велат од партијата.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во вторникот ја поддржаа интерпелацијата на Левица за Коцевски во чиј заклучок стоеше дека Владата треба сега да ја продолжи постапката за разрешување на Коцевски. Денеска премиерот кажа дека Коцевски нема да биде сменет до ноември, бидејќи немале можност поради изборниот процес.