
Мицкоски до Ахмети: И странците се разочарани од ДУИ, политика се води на маса, а не со мешање во правосудството
Мицкоски порача дека Османи директно се меша во правосудството, за што, пак, голема разочараност и незадоволство изразиле и меѓународните претставници. Тој упати и лична порака до Османи дека тој најмалку има кредибилитет да зборува зашто го распродавал македонскиот идентитет и јазик
Никој не се плаши, ниту ги есапи заканите на лидерот на ДУИ Али Ахмети и на потпретседателот Бујар Османи, дека ако Уставниот суд го чепне албанскиот јазик, ќе нема локални избори и ќе има политичка криза.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Османи директно се меша во правосудството, за што, пак, голема разочараност и незадоволство изразиле и меѓународните претставници. Тој упати и лична порака до Османи дека тој најмалку има кредибилитет да зборува зашто го распродавал македонскиот идентитет и јазик, а за евентуално попречување на локалните избори ја потсети ДУИ дека во државата има институции.
Препорачано
– Ја слушнав попатно изјавата на Бујар Османи во својство на потпретседател на ДУИ. Претпоставувам дека е координирана со претседателот на ДУИ Али Ахмети затоа што ако не е, тогаш претпоставувам дека претседателот го укорил својот потпретседател, бидејќи му нанесува непоравлива штета со таа изјава. Тоа е директно мешање во правосудниот систем на државата што е спротивно од било какви демократии што познава современото човештво, а уште помалку европските демократски вредности – рече Мицкоски.
Тој информира дека утрово разговарал со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски којшто, пак, разговарал со голем дел од претставниците на меѓународната заедница во државата и надвор од неа.
– Дел од нив рекоа дека лично разговарале со ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу негативни емоции и големо разочарување, бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешање во правниот поредок на една суверена демократска држава. Тоа не може да бидат услови и начин за водење политика, политиката се води на маса, се седнува, се разговара и се знае кои демократски услови треба да бидат исполнети за време на еден изборен процес. А сега нешто лично, порака до ДУИ, човекот којшто преговараше и го распродаваше мојот македонскиот идентит и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува затоа што тој ако мене не ме почитува не го почитува ни својот мајчин албански јазик – му порача премиерот на Османи.
За предупредувањето од врвот на ДУИ дека локални избори ќе нема, Мицкоски смета дека секој има право да избере како политички ќе функционира и предупреди дека државата има институции и Влада.
– ДУИ функционираше 20 години, ги погази сите принципи, беше пример за двојни стандарди и мислам дека таму владее една паника и страв, а за што станува збор многу скоро јавноста ќе биде сведок- рече премиерот.
Од Владејачката Вреди порачаа дека ништо повеќе не зависи од Ахмети, дека неговиот авторитет е целосно разнишан после скандалите со Артан Груби.
– Тој не може да наметне ниту едно решение, не може да ги консолидира редовите, бидејќи никој повеќе не му верува дека брзо ќе се вратат на власт. За сценариото за бојкот и плановите на денот на изборите да се испровоцираат инциденти, претходела внатрешна кавга во Фронтот на ДУИ за Струга. Наместо да ја дефокусира јавноста со лажна грижа за албанскиот јазик, ДУИ треба да одговори дали Ахмети му кажал на Села дека не може да се откаже од услугите на Рамиз Мерко и дали е точно дека Зијадин Села му се заканил дека ќе ги бојкотира локалните избори во Струга, ако Мерко не го исклучеат од ДУИ – прашаа од Вреди.
Ни Османи, ни Села не одговорија на прозивките на Мицкоски и на Вреди.
СДСМ пак, веќе ѝ порача на ДУИ конечно да прифати дека е опозиција.
– Во моментов тие не се во состојба да поставуваат било какви услови или да го диктираат темпото на политичкото делување во државата – велат од СДСМ.
Ахмети и Османи во пресрет на подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за јазиците, закажана за 20 март, во одделни изјави се заканија дека ќе нема локални избори и дека нема да дозволат да се постават гласачките кутии ако се задира во албанскиот јазик.
Османи во гостување на 21ТВ предупреди дека ќе има длабока политичка криза што ќе предизвика да нема локални избори.
– Не е во прашање ДУИ. Албанците нема да дозволат. Ти нема да дозволиш утре да дојдеш на работа како ништо да не се случило, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што дадоа живот за овој јазик. И дали ќе глумиме како ништо да не се случило? Претседателот на Уставниот суд одлучил, и утре ќе излеземе да пиеме кафе во град!? И утре ќе правиме кампања за општините!? Затоа кажувам, длабока политичка криза, која што не може да продолжи на истиот начин, без да седнеме и дискутираме што ќе правиме со Охридскиот договор, без да го вратиме „балансерот“, без да го вратиме Бадентерот, легитимитетот и без да го гарантираме јазикот, нема да има политика како обично – вели Османи.
Претходно Ахмети од партиски собир во Липково порача дека ако биде засегнат албанскиот јазик, ќе нема локални избори.
– Доколку се чепне Законот за јазиците, нема локални избори и не може да се постават кутии за одржување на локалните избори ако се чепка Законот за јазиците. Законот за јазиците не е закон на ДУИ, туку е закон и на сите оние кои ќе се родат додека има изгрејсонце. Затоа, секој Албанец треба да се бори за Законот за јазиците и да не го политизира и проблематизира – изјави Ахмети.
Тој рече дека е подготвен да се сретне и разговара со сите партии на Албанците и е дециден дека ќе нема „пазарење со албанското прашање“.