
Мета со осуда на зачестената појава на сексуално злоставување на девојчиња
Албанскиот претседател Илир Мета ја осуди зачестената појава на сексуално злоставување на девојчиња во земјата и ги поздрави и поддржа протестите кои се одржуваат во повеќе градови.
Препорачано
-Силно ги осудувам неодамнешните случаи на сексуална злоупотреба на девојчиња во Албанија и се солидаризирам во поддршка на граѓанските протести против ова злосторство, кое заслужува строга законска казна, напиша Мета на Фејсбк.
Тој при тоа постира повеќе фотографии од вчерашниот протест што се одржа во центарот на Тирана, на плоштадот „Скендербег”, како и во неколку градови во земјата.
Протестите се во организација на граѓански организации, откако „чашата ја прелеа” веста за групно силување на 15-годишно девојче во Решен, област Мирдита, во северниот дел на Албанија.
Во врска со ваквите немили случаи во земјата вчера реагираше и Поглаварот на муслиманската заедница во Албанија, Бујар Спахиу, оценувајќи ги како неприфатливи. Тој побара брза реакција на надлежните органи, како и на целото општество.
Универзитетската професорка Мајлинда Кета, која учествуваше на маршот што се одржа вчера за заштита на правата на жените и девојчињата, за Ора њус денеска рече дека сиромаштијата и ниското ниво на воспитување влијаеле на феноменот на сексуална злоупотреба.
-Албанското семејство сè уште се бори за опстанок. Таму каде што сиромаштијата е голема, незнаењето добива основа. Училиштето ја губи моќта, правдата исчезнува. А тоа сè додека немаме силна економија, особено целосно насочена кон области со ризик, оценува таа.
Според неа освен зајакнувањето на економијата неопходни се поголеми финансии во образованието.