
Мерките за намалување на цените на становите ќе бидат презентирани по изборите, вели Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска од Штип изјави дека Владата по спроведувањето на локалните избори ќе ги соопшти мерките за запирање на превисоките цени на становите во Скопје и уште неколку други места во државата.
Препорачано
Тој додаде дека фокусот на овие мерки се токму младите, а со нив тие ќе можат полесно и поволно да си обезбедат живеалиште.
„Јас познавам многу што продаваат, а малку коишто купиле по таа цена. Мора да се спуштаат цените, превисоки се. Секако ние тука се обидуваме да помогнеме. Најголем фокус е кон младите. Затоа што, тие се оние на коишто им треба живеалиште, особено оние кои првпат купуваат куќа или стан и во таа насока е поддршката, а ќе има и други мерки. Сега сме во изборен период и согласно ограничувањата на Државната комисија за спречување на корупција не може сите да ги презентираме, дел ќе ги презентираме по завршување на изборите, кои ќе бидат во насока на регулирање на цената и овозможување на младите многу полесно да си купат стан или куќа“, рече министерот.
Во однос на Штип, тој додаде дека градот може да стане центар за изградба на поголем број на станови и куќи, за што има интерес од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, како и од приватните инвеститори.