
Меки и неодоливи: Рецепт за миризливи германски медењаци
Нирнбершките медењаци се еден вид слатки празнични колачиња во Германија. Во Нирнберг се подготвуваат од крајот на 14 век, кога за прв пат замирисале во локалниот манастир. Откако ќе се испечат, медењаците се премачкуваат со шеќерен сируп или чоколадна глазура.
Препорачано
За подготовка на медењаците ќе ви требаат и мали обланди на кои се става смесата – бакоблатен, кои можете да ги купите во специјализирани продавници или да нарачате преку интернет. Имајте на ум дека тие доаѓаат во различни големини. Доколку не можете да ги најдете, смесата можете да ја испечете и без нив.

Состојки:
• 150 г лешници
• 150 г бадеми
• 3 јајца
• 100 г кафеав шеќер
• 90 г зашеќерена кора од портокал
• 90 г зашеќерена кора од лимон
• 3 лажици мед
• 1 прстофат сол
• 3 лажички зачин за медењаци
• 1 лажичка рендана кора од лимон
• 20 коцки (бакоблатен обланди) од 70 мм
За глазурата:
• 120 г темно чоколадо
• 80 г шеќер во прав
• малку вода или сок од лимон
Подготовка:
1. Сомелете ги лешниците и бадемите. Накратко изблендирајте ги зашеќерените кори од лимон и портокал. По потреба додадете малку брашно да не се залепи.
2. Измешајте ги јајцата, шеќерот, малку сол и медот додека не се раствори шеќерот. Додадете бадеми, лешници, 3 лажички зачин за медењаци и кора од лимон, зашеќерена кора од лимон и портокали. Измешајте, па покријте ја смесата и ставете ја во фрижидер 10 до 12 часа.
3. Загрејте ја рерната на 160 степени. Превртете голема кригла наопаку и врз неа ставете една обланда, малку фил и рамномерно распоредете ја на висина од околу 2 см.
4. Ставете ги колачињата на плех обложен со хартија за печење и оставете ги во фрижидер 10-15 минути. Потоа печете ги околу 20 минути (во зависност од рерната). Внимавајте на нив за да не изгорат. Оставете ги да се изладат.
5. За глазура растопете го чоколадото. Во друг сад измешајте шеќер во прав со малку вода и сок од лимон додека не добиете густина на тестото за палачинки. Дел од медењаците прелијте го со чоколадо, а дел со шеќерна глазура. Погрижете се добро да го покриете секој медењак за да остане сочен.