Наградите беа врачени на конференција во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид

Меѓународната награда „Драги“ е врачена на двајца преведувачи за достоинствен препев на поезијата на Ацо Шопов

Добитници на меѓународната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор се Кристина Е. Крамер и Роли Грау за преводот од македонски на англиски јазик на книгата „Долго доаѓање на огнот“ од Ацо Шопов.

Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шопов („The Long Coming of the Fire“), беше објавен во 2023 година од американската издавачка куќа „Deep Vellum“, по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на авторот и претставува културен и книжевен настан од прв ред во афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините национални граници. Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато. Грау и Крамер создале превод што на извонреден начин ја спојува поетската инспирација со филолошката прецизност.

Критичарите го истакнуваат нивното мајсторство да ја пренесат целата лепеза на поетските изрази на Шопов – од космичките визии на душата до интимната еротика, од документарната острина во набљудувањето на природата до топлината на татковската грижа.

Преводот доживеа импресивна рецепција, јавни презентации во Париз (УНЕСКО, ИНАЛКО), во Македонија (Струшки вечери на поезијата), во Токио, Торонто и други центри, како и бројни рецензии и критики во САД, Канада и Европа, а од „Europe Now“ беше избран за една од „Омилените книги во превод за 2023 година“. Надвор од доменот на книжевноста, преводот инспирираше современи музички композиции на канадскиот композитор Мајкл Спиров, што претставува ретка и значајна форма на културна рецепција.

Преводот на Грау и Крамер е достоен добитник на интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на книга од македонски автор на странски јазик. Доделувањето на интернационалната награда „Драги“ за првпат се случи во Охрид, на 11 септември, во Конгресниот центар на УКИМ, а во рамките на XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика.

Кристина Е. Крамер е професорка по лингвистика и славистика на Универзитетот во Торонто, Канада, како и надворешен член на МАНУ од 2009 година. Повеќе од три децении македонскиот јазик е во фокусот на нејзините најтесни академски интереси. Крамер е интензивно посветена и на книжевно преведување. Од македонски јазик има преведено дела од Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Лидија Димковска и Луан Старова.

Роли Грау потекнува од Балтимор, САД, а од почетокот на 2000-тите живее во Љубљана, Словенија. Познат е како преведувач од словенечки на англиски јазик. Во 2021 година ја добил Лавриновата диплома за достигнувања во преводот која ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи. Во 2023 година за првпат работел на преводи од македонски јазик, заедно со Кристина Е. Крамер.

– Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè, нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог итн. Со оваа награда трета година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот – истакнуваат од издавачката куќа „Антолог“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот