
Мартин Сипковски се разнел со 1,5 килограми „Пентрит“, експлозив што се користи во тешки воени операции
Истражните органи утврдиле дека Сипковски го добил експлозивот од 26-годишниот Филип В., кој е осомничен дека го набавил на нелегален начин и му го предал на загинатиот.
Во тешка експлозија што се случи на 1 октомври околу 21:30 часот во стан на улицата „Косовска“ во Белград, животот го загуби 21-годишниот македонски државјанин Мартин Сипковски.
Препорачано
Како што објавија денеска повеќе српски медиуми, во станот биле пронајдени околу 1,5 килограми експлозив „Пентрит“, кој ја предизвикал силната детонација и го уништил просторот што го изнајмил младиот Македонец.
Истражните органи утврдиле дека Сипковски го добил експлозивот од 26-годишниот Филип В., кој е осомничен дека го набавил на нелегален начин и му го предал на загинатиот.
Несреќата се случила кога Мартин се обидел да ракува со материјалот, при што го активирал и загинал на самото место, околу 21:45 часот.
Идентитетот на Сипковски бил потврден преку обдукција и преку размена на ДНК-податоци меѓу српската и македонската полиција.
Познат е фактот дека Мартин Сипковски и претходно им бил познат на органите на прогонот во Македонија. Минатата година неговото име беше споменато во македонските медиуми како на млад човек кој „го заменил ракометот со манекенство“.
Поранешниот ракометар на РК „Вардар“, Сипковски ја прекинал спортската кариера поради повреда на вратот. Кога и како неговиот животен пат тргнал во поинаков правец, засега не е познато.
Што е „Пентрит“ и колку е силен?
Пентрит, познат и под хемиското име пентаеритритол тетранитрат (PETN), е еден од најсилните и најбризантни експлозиви што се користат во воената и индустриската индустрија.
Се јавува како бел кристален прав и има огромна детонациска моќ – брзината на детонација му достигнува и над 8.000 метри во секунда.
Се смета за секундарен експлозив, што значи дека не експлодира лесно од мала искра или оган, но е исклучително чувствителен на удар, триење и електрични празнења.
Пентрит најчесто се користи како состојка во пластични експлозиви, како Семтекс, или во детонациони шнурови и иницијатори, поради неговата стабилност и силен ударен ефект.
Иако хемиски е стабилен при нормални услови, при температура над 150 степени почнува да се распаѓа и може да предизвика експлозија.
Со оглед на неговата висока разорна моќ, поседувањето и користењето на Пентрит е строго забрането и регулирано со меѓународни прописи.