
Маричиќ: Време е да разговараме со ВМРО-ДПМНЕ зошто е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да се разговара, јавно или вон очите на јавноста, за почнување суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам, на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервју за Македонското радио тој вели дека влезат во таква дискусија, верува дека ќе дојдат до разумни аргументи, дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија поради ова прашање.
Според него, со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите.
– А секако дека имаат право граѓаните слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме ние и седум други заедници коишто се истакнати во нашиот Устав, треба да имаме можност за Бугарите, за ние да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари. Ние сме Македонци и самата дистинкција дека има и Бугари коишто со последниот попис се 3000 и стотина. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и спремни сме да разговараме, изјави Маричиќ.
Во текот на преговорите вели, може да има и потешки прашања за решавања, од друг карактер.
Во однос на реконструкцијата на Владата, тој наведе дека целта е да се зајакне владиното мнозинство и да се зајакне позицијата на Владата во период кога не очекуваат многу обврски поврзани со реформите и пред година во којашто треба да се завршат бројни инфраструктурни проекти.
-Да ја стабилизираме државата економски од сите кризи коишто беа во минатото, минатите три години, и здравствената, и економската, и енергетската, и секако да ги направиме потребните чекори за продолжување на нашиот евроинтегративен пат. Многу е важно навистина сите партии коишто се за Северна Македонија да стане брзо членка во ЕУ да застанат на оваа страна и да ги поддржат и реформите што е поважно, но и неопходните уставни измени коишто ќе нè однесат автоматски во наредна фаза. Не сакаме да даваме аргументи никому, најмалку на Бугарија за понатамошни блокади, бидејќи овој пат картата за блокада е во наши раце. Првпат не е ниту во Софија, не е ниту Атина, ниту во Париз, ниту Брисел. Првпат е во наши раце, во Скопје и треба ние да се потрудиме секој од нас како политичари, сите политички партии, сите пратеници во Собранието да дадат одговор на граѓаните и на себе дали се подготвени да ја држат државата уште десет години во слепа улица, истакна Маричиќ.
Околу ратификувањето на договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ истакна дека се тоа е многу битен чекор на отворање на границите и отстранување на бариерите коишто постојат меѓу државите од Западен Балкан. Според него, договорите од оваа иницијатива практично ќе им овозможат на нашите граѓани без вадење работни дозволи да се вработуваат во земјите од „Отворен Балкан“.
Осврнувајќи се на решението од судот во Стразбур, Маричиќ рече дека тоа е позитивна вест за државата.
-Тоа се една серија на случаи коишто произлегоа од масовното и нелегално прислушување во нивно време, во време на нивното владеење. Така што таа релативизација, дека сега тоа не било ништо посебно, мислам дека нема потреба од тоа. Треба да се влезе во пресудата и во аргументите на двете страни и во аргументите што ги уважува судот. Ние како одбрана на Владата и на државата направивме се за да ги изнесеме аргументите дека овие апликации се недопуштени и дополнително дека дури и доколку навлезе судот во мериторно одлучување, во суштината на случајот дека не треба да ја уважи аболицијата на Иванов, односно дека таа е ништовна. Судот ги уважи аргументите дека овие апликации се недопуштени и тоа е еден вид на правна победа на државата. Не е политички, дали е триумфално или не, тоа е веќе на теренот на политичка борба, вели Маричиќ.
Тој кажа дека она што било важно за Владата и државата е овие случаи да добијат своја разрешница и свој исход пред македонските судови.
-Целта на обвинетите, да речам, на оние коишто се во тие случаи беше сосема спротивно, да нема исход во македонските судови, туку да се признае аболицијата. Инаку и прашањето за аболицијата не е целосно разрешено во нашите судови и институции, ниту Уставниот суд, ниту другите ниту сите други судови не заземале став. Постојат случаи каде што Основниот кривичен суд и Апелацискиот суд имаат заземено став дека таа е невалидна и ништовна и затоа ги продолжија случаите. Така што и во правна смисла мислам, па и во политичка смисла, ова е важен сигнал за нашите судови да си ја завршат работата, дека нема простор за очекување дека некој друг ќе ја заврши работата, дека тоа е одговорност на нашите судови и надеж дека сите овие случаи ќе добијат своја разрешница без разлика каква, бидејќи е битно според доказите судот да пресуди таму каде што има основа. Таму каде што нема, секако има и ослободителни пресуди. Значи важно е тоа доби разрешница и да ја врати вербата и довербата на граѓаните дека во Северна Македонија има надеж за правда, изјави Маричиќ.