
МАМАВИЗИЈА | На сон ми дојде дека син ми ќе се вика Џулиан, вели фотографката Стефани Христов
Во најновата емисија „Мамавизија“ гостинка ни е фотографката и инфлуенсерка Стефани Христов. Таа е мајка хероина која, заедно со нејзиниот сопруг, поминала шест години тежок период по болниците за да добие дете.
По многуте обиди природно да забремени се упатиле кон лекарите да откријат во што е проблемот. Биле на консултација кај неколку доктори, само еден од нив им рекол да продолжат да се обидуваат природно, останатите ги советувале да одат директно на ин витро.
Препорачано
– Првиот пат додека ги собиравме документите за ин витро, ние постојано се обидувавме и спонтано да забременам, тогаш се случи да завршам на ургентен, поради обилно крвавење. Јас мислев дека ми се случува нешто со циклусот, но таму ни рекоа дека сум имала спонтан. Не ми се веруваше дека сум била бремена по природен пат. Тоа беше голем шок и стрес, но на некој начин ни даде и надеж дека сепак можеме да имаме бебе и по природен пат – вели таа за „Мамавизија“.

И покрај обидите, тоа не се случувало, па Христови одлучиле да се обидат со ин витро, кое за жал завршило неуспешно.
Стресниот период барал опуштање и одлучиле да заминат на одмор без да си прават каков било притисок околу забременувањето.
– Дојде лето и решивме малку да ставиме пауза на овој план. Си рековме дека тоа е животот, можеби така треба да биде. Поминавме многу тие шест години и ни требаше малку опуштање и релаксација. Заминавме на одмор и таму се случи јас да останам бремена по природен пат. Ми требаше време да поверувам во тоа, неколку пати правев тест за да се уверам – вели Христов за „Мамавизија“.
Додека била бремена Христов сонила сон, токму тој сон бил клучен за да го крстат синчето Џулиан. Како и зошто му го дале токму ова уникатно име, ќе дознаете во емисијата „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Автор и водител на емисијата е Александра Вуксановиќ.