Игор Џамбазов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

МАМАВИЗИЈА | Џамбазов: Да беше Анче жива, секој ден на Инстаграм ќе снимавме видеа

Во втората епизода на емисијата „Мамавизија“ раскажуваме за мајката Анче Џамбазова. Со помош на Игор Џамбазов се навративме во најдалечното минато, ѕирнавме во црно-белите фотографии, се присетивме на убавите спомени коишто го врзуваат за неговата мајка.
Непребол за прерано згаснатиот живот на една мајка, на само 55 години. За жената која душата си ја даваше за своите две деца, како што вели Џамбазов,  ја жртвуваше кариерата за нив двајца, за Игор и неговата сестра. За да ги израсне и изведе на прав пат, да биде горда мајка, таа одбила безброј врвни понуди за улоги.

Тоа не ја направило Анче Џамбазова помалку добра во својата работа, напротив таа се вивна со својата актерска дарба највисоко, беше омилена меѓу режисерите, освојуваше со својот шарм, убавина, грациозност, занесен хумор, незаменлива во своите способности да влезе во улогата и да ја долови беспрекорно. Несомнено е дека Игор тоа го наследил од мајка си.

Секогаш имав трема кога глумев пред неа. Знаете, како прваче на претстава кога треба да настапи пред родителите. Е, јас секој пат, кога ме гледаше таа на пробите, се чувствував така. А беше редовна, ништо не ѝ бегаше, не само мене, таа ги следеше сите колеги, сите претстави и оние каде што не учествуваше. И јас отпосле дознавам каква колешка била, сите ја сакаа, на сите им помагаше. Ја викаа тетка Анче – раскажува Џамбазов за „Слободен печат“.

Последните денови од нејзиниот живот го погодиле највеќе. Игор имал 32 години кога почина Анче.

-Велат кога ќе умре мајка ти, почнува твојата старост. Последните денови беа тажна слика. Таа беше на онкологија, а тогаш болницата беше во многу лоша состојба. Татко ми се пресели таму, имаше креветче во соба до неа и таму спиеше, таму живееше. Се сеќавам еден ден одам да ја посетам и гледам празен кревет. Се извадив од памет, што да помислиш, најлошото. Кога гледам, варосуваат. Излегувам од собата во ходник и гледам ја ставиле во еден ќош во количка, таа стуткана и неколку точки од бојата капнати на нејзиното чело. Можеш ли да замислиш што беше тоа за мене? Не знаев како да се исконтролирам – вели Џамбазов.

Игор Џамбазов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој вели дека таа многу ги сакала компјутерите и дека со часови играла игри.

-Не знаете колку сакаше компјутери, таа беше зависна од компјутери. Таа беше жена што сака да научи сè и добро ѝ одеше тоа. Во 80-те кога се појавија „комодоре“, „спектрум“, па таа беше „најзапалена“ од сите нас. Не спиеше со ноќи додека не победи, беше мајстор! Се сеќавам колку пати јас ќе се приберам во три по полноќ, а таа со цигарата игра внесено. Сигурен сум, да беше сега Анче жива, во време на Инстаграм и Фејсбук, секој ден ќе снимавме видеа и ќе беа најгледани – вели тој.

 

Вечерва со почеток во 20 часот на Јутјуб каналот на „Слободен печат“ гледајте ја премиерно епизодата од „Мамовизија“ посветена на мајката Анче Џамбазова.

Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот