Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Маки за матурантите што сакаат да студираат во странство: Тендерот заглавил, свидетелствата повторно доцнат

Свидетелствата на полуматурантите и матурантите се веќе предадени на училиштата. Другите ученици ќе ги добијат во август, пред почетокот на идната учебна година. Причина за доцнењето е поради застојот во процедурата, вели директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи.

Поради доцнење на тендерската постапка за избор на фирма што ќе ги печати, и годинава, како и лани, матурантите и полуматурантите уште не можат да ги добијат свидетелствата за завршено основно или средно образование. Процедурата што ја спроведува Бирото за развој на образованието досега требаше да биде завршена, но директорот на Бирото, Зекирија Хасипи, во изјава за „Слободен печат“ негира дека постапката не почнала навреме.

– Матурантите и полуматурантите не треба да се грижат, без проблем ќе можат да се запишат во средно училиште или на факултет – вели Хасипи.

Најзагрижени се матурантите што имаат итна потреба од свидетелство поради продолжување на школувањето во странство.

– Свидетелствата на полуматурантите и на матурантите се предадени. Другите ученици ќе ги добијат во август, пред почетокот на идната учебна година. Причина за доцнењето е поради застојот во процедурата на Бирото за јавни набавки. Набавката на материјали почна навреме, уште во февруари. Набавката зависи од бројот на матуранти што се пријавуваат за полагање училишна или државна матура. Врз основа на таа бројка ја подготвуваме тендерската документација – вели Хасипи.

Хасипи вели дека Бирото за развој на образованието ги известило училиштата за времето и начинот на дистрибуција на свидетелства.

Наставниците веќе ги заклучија годишните оценки во електронскиот дневник, откако се дефинираа на наставничките совети. За првпат годинава оценките беа евидентирани само во електронскиот дневник, откако печатениот дневник сосема е исфрлен од употреба.

Минатата година не само што доцнеше доделувањето на свидетелствата, туку во некои училишта беа и наплатувани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот