Настап на Пијано Трио на фестивалот „Охридско лето“

Македонско Пијано Трио со дела од македонски композитори ќе настапи во Истанбул

Во организација на Македонскиот културен центар во Истанбул и со поддршка од Министерството за култура на 7 септември во Истанбул ќе настапи Пијано Трио, кое е во состав Татијана Петрушевска Караскаковска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски.

На програмата на концертот се дела од македонските композитори К. Делиниколов, Г. Начевски, Р. Аврамовски, Т. Зографски, Ф. Иванов и В. Николовски-Ѓумар.

Составено од тројца етаблирани музичари, Татијана Петрушевска Караскаковска, прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски, прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, и Петар Макариевски, пијанист и уметнички соработник при ФДУ, ова трио ги здружи своите сили во 2014 година.

Сите остварени и потврдени уметници со своите инструменти, поттикнати од желбата за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, формираа ансамбл сметајќи дека постоење на камерни ансамбли од секаков вид е потребно и полезно за музичарите, од аспект на соработка, зголемување на репертоар, изведување на дела кои не се само за соло инструмент, туку се во соработка и со други инструменти.

Формацијата на овој ансамбл овозможува широк спектар на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување. Дела од композиторите Х. Брод, Т. Лалие, К. Фридеман, В.А. Моцарт, Ф. Пуланк, Г.Ф. Хендл, А. Вивалди, А. Рајхенауер, Л.В. Бетовен, М. Глинка, се дел од репертоарот на Триото и тој постојано се збогатува со нови композиции.

Првиот свој настап Пијано Трио го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваа концерти во Демир Капија, Куманово, Виница, Kрушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево, Кочани, Нови Сад.

На својата програма секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија, а кои дела, како и самата изведба на Триото, секогаш наидуваат на одушевување кај публиката.

Во 2022 год. македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за Пијано Трио, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивалот на камерна музика во Нови Сад – Европски град на културата за 2022 година.

Во ноември 2022 год. Триото настапи со рецитална програма на фестивалот „Есенски музички свечености“ со дела од светската литература. Во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на Триото, кои имаа светска премиера на ДММ 2023 год. Во јули 2023 година Триото настапи на реномираниот фестивал „Охридско лето“. Она што го карактеризира Триото како состав се истенчен – моќен звук, интерактивост, прецизност во изведбата, индивидуалност и виртуозност на музичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот