EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонските клубови оставаат впечаток во елитата: Импресивна статистика во Лигата на шампионите на ЕХФ

Речиси нема сезона без присуство на македонски клуб во елитното ракометно клупско натпреварување. Еурофарм Пелистер ни е претставникот последниве сезони, Вардар е најуспешен и и најфреквентен македонски претставник. Повеќепати имавме и по два претставника по сезона, оставивме впечаток со две титули и во уште некои категории

Шампионот Еурофарм Пелистер во сезоната 2025-2026 ќе го претставува македонскиот ракомет во најквалитетното клупско натпреварување, Лигата на шампионите, третпат во низа.

Тоа одбележува учество на наш клуб во главната фаза од ова натпреварување во 25 изданија од вкупно 33, откако го носи името Лига на шампионите (1993-1994). Вкупно шест македонски клуба играле во елитното ракометно натпреварување ЛШ.

Вардар е најприсутен од нашите клубови

Вардар е најприсутен во ЛШ од нашите клубови и има забележано најмногу учества во главниот дел, односно вкупно 15. Првпат овој клуб заигра во ова натпреварување во сезоната 2001-2002 година. Вардарци се и наш далеку најуспешен клуб во ЛШ со две освоени титули, во 2017 и во 2019 година.

Металург има десет учества во ова елитно клупско натпреварување со што е наш втор најзастапен клуб во ЛШ. Металург се појави првпат во групната фаза во 2006-2007 година. Пелистер четири пати е учесник, а првпат во групната фаза играше во сезоната 2005-2006.

Наш прв клуб кој учествувал во ЛШ е Борец Велес, во сезоната 1995-1996 година. Јафа Ресен играше во елитата во сезоната 1997-1998, а Еурофарм Работник се појави во ЛШ во 2019-2020 година. Вкупно шест сезони во низа, од 2013-2014 до 2018-2019 нашиот ракомет имаше два претставника Вардар и Металург.

PA-EFE/SASCHA STEINBACH

Македонија заедно со Франција и со Хрватска

Македонија е една од десетте земји кои дале шампион во ова натпреварување повеќе од еднаш. Оваа статистика е уште од времето кога ова натпреварување се викаше Куп на европските шампиони (од 1957). Се наоѓаме во групата со Франција и со Хрватска, со по две шампионски титули. Зад нас се Унгарија, Полска, Шведска, Словенија со по една титула. Вкупно има 14 земји кои дале шампион барем еднаш во Лигата на шампионите на ЕХФ.

На чело сме според една статистичка категорија. Кирил Лазаров е најдобар стрелец во ЛШ со 1.363 гола, пред Тимур Дибиров (1.2012) и Никола Карабатиќ (1.211). Лазаров е четврти стрелец во историјата на ЛШ во категоријата најефикасни во фајнал-фор фазата, со 68 гола во седум учества.

Битола и наредната сезона ќе гледа елитен ракомет: Еурофарм Пелистер ќе игра во Лигата на шампионите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот