
Македонскиот не носи гласови кај Албанците
Значи во пресрет на локалните избори, на кои се избираат градоначалници и советници за општините, одреден дел од гласачите наместо за комунални и прашања од доменот на просторното планирање, својата процена за кого ќе гласаат ја темелат врз тоа дали некој разговара на македонски или на албански јазик. Јас би им кажал дека се сиромашни и на двата јазика, ама јас не се кандидирав за изборите.
Не е Арбен Фетаи првиот член на некоја македонска влада досега, кој одбива да одговара на македонски јазик, ама е меѓу ретките што тоа го прави намерно. Односно, тој течно го говори македонскиот јазик, ама, ете, од некоја причина не сака на новинарското прашање поставено на македонски да одговори адекватно, туку го одбира албанскиот јазик како средство за комуникација со јавноста.
Препорачано
Фетаи е вицепремиер за добро владеење во Владата на Христијан Мицкоски, а во неговата јавно достапна биографија може да се прочита дека тој течно го говори албанскиот, македонскиот, францускиот, англискиот и холандскиот јазик. Роден е во Куманово, но дел од животот го поминал во Белгија, па поседува двојно државјанство – македонско и белгиско.
Од некоја за мене непозната причина, Фетаи не станал министер или вицепремиер во владата на Кралството Белгија, но тоа му успева во Македонија, каде што како кадар на Вреди го зазема слободното место во ресорот – добро владеење?! И сè е тоа идилично како на филм, додека на еден обичен прес за новинари Фетаи решава без претходно обезбеден преведувач, на прашањата поставени на македонски јазик, со ништо непредизвикан да одговори на албански. На објавеното видео може да се слушне како еден од новинарите го прекинува излагањето на Фетаи за да му укаже дека колешката го прашала на македонски јазик, па редно е тој да одговори на македонски. Сепак, Фетаи одговара дека тој ќе одговара на албански. Прашан дали и другите прашања ќе ги одговара на албански, тој посочи дека „уште не сум спремен на македонски“.
Одредени коментатори шпекулираат дека Фетаи одбил да говори на македонски јазик бидејќи се ближат локалните избори, па на таков начин се обидува да освои повеќе гласови за коалицијата Вреди. А какви се тие гласачи, прашувам јас, кои на избори се мотивираат со неговорење на македонски јазик? Значи во пресрет на, да повторам, локални избори, на кои се избираат градоначалници и советници за општините, одреден дел од гласачите, наместо за комунални и прашања од доменот на просторното планирање, својата проценка за кого ќе гласаат ја темелат врз тоа дали некој разговара на македонски или на албански јазик. Јас би им кажал дека се сиромашни и на двата јазика, ама јас не се кандидирав за изборите. Наместо за екологија, за загадениот воздух што им го дишат децата, тие гласачите ги мотивираат со великоалбанска платформа и што е најтрагично тоа успева. А и многу е поевтино веројатно да се говори на албански, отколку да се направи физибилити студија за квалитетот на воздухот, да речеме во Општина Чаир?
Да бидеме фер, мора да потенцираме дека Фетаи не е единствен член на владиниот кабинет, кој со новинарите не комуницирал на македонски јазик. Првиот таков министер чинам беше Глигор Ташковиќ, кој со медиумите комуницираше на англиски. Тој беше министер без ресор во Владата на Никола Груевски и во периодот од 2006 до 2008 година, беше одговорен за привлекување на странски инвестиции. Имаше еден таков и во претходната влада на Димитар Ковачевски, кој ако не се лажам беше кадар на ДУИ, а со медиумите исто така комуницираше на англиски јазик. Но овие двајца, за разлика од Фетаи навистина не го говореа македонскиот јазик и беа повикани да учествуваат во работата на владата како експерти. Тие не говореа англиски за да предизвикаат изблик на некакви „великоанглиски“ чувства, туку едноставно толку знаеја. За разлика од нив, Фетаи во својата биографија тврди дека течно го говори македонскиот јазик.
Тој можеби е еминентен стручњак за добро владеење, и како таков е незаменлив во Владата? Сепак, јас лично се надевав дека ако ништо друго тој ќе биде скаран од својот претпоставен, односно ќе биде јавно прозван од премиерот, кој божем изнервирано ќе потсети дека времето на национализмот е завршено. Ама ништо од тоа. Изгледа и овие избори ќе ги поминеме во патриотска атмосфера, во загадени и комунално нефункционални општини.