Македонска изворна музичка ризница претставена во Рим во чест на Светите Кирил и Методиј

Фото: Министерство за култура

Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска, во салата „Балдини” во Рим, вчеравечер, се одржа културната програма во рамки на традиционалната манифестација „Ден на Светите Кирил и Методиј”, информираа од Министерството за култура.

На концертот на нашите уметници на кој присуствуваа и членовите на државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беа исполнети македонски изворни песни, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.

Пред концертот, присутните во салата ги поздрави заменик-министерот за култура Онур Али кој говореше за духовната врска меѓу Ватикан и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато наследство за човештвото.

За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, рече заменик-министерот Али.

Тој додаде дека во духот на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, Северна Македонија, преку културата и уметноста, културно наследство кое го поседува, политиките кои ги води за толеранција, дијалог за различностите, развој на интеркултурализмот, создавање услови за европеизација на културниот контекст, подготвено се соочува со предизвиците на новото време и забрзано се доближува до модерна Европа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот