
Македонката Барбара Поповиќ која воодушеви со изведбата на „Зајди, зајди“ ќе ја освојува сцената на „Санремо“
Барбара Поповиќ, една од топ 12 финалистите на регионалното музичко шоу „IDJ Show“, девојка со магичен глас, пред неколку денови ги воодушеви жирито и публиката со импресивната изведба на песната „Зајди, зајди“.
Препорачано
Како што дознава „Фокус“, на престижниот фестивал „Санремо“ во 2025 година пред публиката ќе се претстави и македонската пејачка, која во последниве години е сè поактивна на музичката сцена.
Од нејзиниот тим за „Фокус“ потврдија дека Барбара ќе биде дел од фестивалот во Италија, а откриваат дека таа има македонско-италијанско потекло, односно нејзината мајка е охриѓанка, а таткото е од Италија.
Барбара е млада пејачка која на сцената е од својата шеста година. Зад себе има учествувано на многу фестивали, како и освоени награди и признанија.
Таа се истакна со својот талент и специфичната боја на гласот, а успеа да ги освои срцата на јавноста и високо котира на листата на „IDJ Show“. Барбара на овој натпревар реши да се претстави со песната „Зајди, зајди“ , која е една од најпознатите македонски народни песни.
Таа блесна на главната сцена на шоуто, доби голем аплауз од публиката, а потоа имаше можност да ги слушне коментарите на членовите на стручното жири, раперот Реља Поповиќ, пејачката Наташа Беквалац и еден од најдобрите македонски композитори, Дарко Димитров.