Македонија покажа дека е лојален партнер, заслужува забрзан пристап кон ЕУ, порача Вајц

На дебатата повторно имаше националистичка реторика и понижувања од страна на бугарските и грчките европратеници, кои се обидоа да ги убедат другите европратеници дека не треба да ѝ дозволат на Македонија да ги отпочне преговорите со Европската унија.

Македонија го заслужува забрзан пристап кон членството во Европската Унија, порача известувачот Тома Вајц во обраќањето пред европратениците.

Тој нагласи дека земјава покажала дека е лојален партнер и дека сто отсто ја следи надворешната политика на ЕУ, за да побара потоа забрзување на нашиот евроинтеграциски процес. Ги потсети европратениците дека ЕУ всушност е создадена за земјите да ја остават историјата назад, заради општиот и заеднички интерес. Тој рече дека Македонија била единствената што не учествувала во војните во поранешна Југославија, дека е мултиетничка и мултирелигиска, а сепак успеала да ги изменаџира внатрешните односи и дека била на врвот на листата за кандидати во ЕУ со Словенија запрашувајќи потоа – а каде е сега таа, а каде Словенија?

Според Вајц, добрососедските односи можат да се градат со учество на двете земји, а не само едната.

„Македонија, која ги преживеа балканските војни од 90-ите години на минатиот век без масовно насилство и во која живеат различни луѓе и различни етнички и религиски групи кои успеаја да изградат мирно општество, некогаш беше предводник во регионот, кога пред 20 години заедно со Словенија го започнаа пристапниот процес кон ЕУ. Каде е Словенија денес, а што се случи со Северна Македонија? Па, имаше некои пречки на патот поврзани со историјата, со војните од минатиот век, со начинот на градење добри билатерални односи со соседите. Но, добрососедските односи секогаш треба да се градат од двете страни, тоа е многу јасно“, порача Вајц.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон Европската Унија и да го искористи моментот на проширување кој е очигледен и постои. Според неа, извештајот дава јасна порака за поддршката на ЕУ, но истовремено ги наведува и условите кои се потребни за нејзино придвижување кон целта.

„За време на моите разговори со лидерите на Северна Македонија во Скопје минатата недела ја истакнав нашата посветеност како ЕУ да ја поттикнеме земјата да продолжи напред во процесот на пристапување. Исто така, во неколку наврати, потсетив на потребните чекори што треба да се преземат за да се отворат пристапните преговорите за кластерот „Основани вредности“. Единствен начин за тоа е да се усвојат уставните амандмани“, рече Кос.

Таа оцени дека извештајот за Македонија дава сеопфатна и избалансирана проценка на ситуацијата во земјата, вклучително и во клучните области како владеењето на правото, област која, како што рече, покрај независноста на судството, борбата со корупцијата и јавната администрација, треба да биде зајакната.

На дебатата повторно имаше националистичка реторика и понижувања од страна на бугарските и грчките европратеници, кои се обидоа да ги убедат другите европратеници дека не треба да ѝ дозволат на Македонија да ги отпочне преговорите со Европската унија.

Според бугарските европратеници, ЕП не треба да решава за нечиј јазик и идентитет, додека пак грчките европарламентарци од радикалните партии изјавуваа дека Македонија е една и е само грчка.

Денеска во ЕП ќе се гласа за извештајот за напредокот на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот