Македонија нема море, ама туристите ни ги сакаат природата, храната и археологијата

Љупчо Јаневски - директор на агенција за туризам / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Од јануари до јуни, бројот на туристи е зголемен за 30,1 отсто, во однос на истиот перидо лани, а тоа се должи на зголемената бројка странски туристи од 46,8 отсто. Покрај Охрид, одлични резултати од туристичката посетеност бележат Скопје (со раст од 16 отсто), Крушево, Дојран и Битола. Водечки посетители ни се Турците, потоа Србите, Грците, Германците и Бугарите, а се очекуваат и кинески гости со олеснување на визната процедура

Со целогодишна исполнетост од 40 отсто на македонските хотели, Македонија може да ги задржи своите професионални угостителски кадри и наместо со страв да ја дочекува секоја туристичка сезона, ќе има доволно кадар да ги задоволи и најситните барања на гостите, сигурен е Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Целта, според него е до 2025 година да имаме повеќе од 45 илјади вработени во дејноста, а за тоа големо влијание имаат платите. Јаневски потсети дека од нешто над 18 илјади денари, сега просечната плата во секторот над просечната.

– Тоа не е многу, но сепак дејноста почна да дава повисоки плати, оти само така може да ги задржи професионалните кадри. Ние не можеме да се мериме со земјите што имаат излез на море, но полека докажуваме дека и без море станавме атрактивна дестинација – поентираше Јаневски.

Презентирајќи ги досегашните резултати во туризмот, директорот на АППТ брифираше дека од јануари до јуни, бројот на туристи е зголемен за 30,1 отсто, во однос на истиот период лани, а тоа се должи на зголемената бројка странски туристи од 46,8 отсто. Покрај Охрид, одлични резултати од туристичката посетеност бележат Скопје (со раст од 16 отсто), Крушево, Дојран и Битола. Водечки посетители ни се Турците, потоа Србите, Грците, Германците и Бугарите.

– Со олеснувањето на визите и за кинеските граѓани догодина може да се очекуваат од 35 до 40 илјади гостите од Кина, кои би оствариле околу 100 илјади ноќевања. Веќе се продаваат кружните тури за Албанија и Македонија, па ако успееме да ги задржиме туристите од Далечниот Исток барем уште една ноќ, тоа ќе биде наш голем успех – информираше Јаневски.

Според директорот на АППТ и бројките покажуваат дека за првпат во првиот квартал од оваа година имаме девизен прилив од туризмот од 93 милиони долари што е за 19 отсто повеќе од лани или 41 отсто повеќе од 2019 година, која се сметаше за рекордна.

– Целта ни е во 2025 година да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со 3,7 милиони ноќевања – се надева Јаневски. Тој искрено вели дека не е задоволен со патната инфраструктура која не ѝ е од помош на домашната туристичка индустрија, но потенцира дека тоа што немаме автопатишта за приказ, се компензира со авионските летови.

– Нашата мисија е да отвориме нови пазари, да воспоставиме нови чартер и редовни авиолинии за да создадеме позитивна клима и раст на холандските, турските, романските, англиските и српските туристи, надополнети со секундарните пазари од кои се очекува раст од 20 до 30 отсто – дополнува Јаневски. Но, за да ги примиме сите нови гости, потребни ни се идни инвестиции во сместувачките капацитети, како хотели, така и мали семејни хотели.
– Време е вторите катови од куќите во помалите плански места да ги претвориме во хотели и да се посветиме на еко и на гастро туризмот – заклучува Јаневски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот