Македонија недоволно го користи економскиот потенцијал на НАТО

Нато ЕУ и Македонско знаме / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Економските придобивки од нашето членство во Алијансата, покрај безбедносните и политичките цели, во минатото можеби најповеќе беа посочувани како главен аргумент за нашето полноправно членство во НАТО. Но, и покрај нашето три годишно досегашно членство во воената алијанса, по се изгледа не е доволно за македонските домашни компании да ги искористат можностите што им се отворија за зголемување на испораките на НАТО-сојузните, кои на годишно ниво некогаш имаат буџет и до пет милијарди долари.

Имено, минатата година на НАТО самитот кој се одржа во Шпанија, Фондот за иновации при НАТО стартуваше фонд со буџет од 1 милијарда евра наменет за сите земји членки на воениот сојуз. Средствата од овој фонд ќе бидат наменети за мали и средни стартапи и компании во сите земји членки вклучително и Македонија.

Фирмите апликанти меѓудругото ќе можат да ги користат овие пари за отворање на бизниси со кои ќе може да се модернизираат воените процеси на армиите, да се создаваат платформи за следење на информациско поле управувани од вештачка интелигенција но и да ја зголемат ефикасноста и превенцијата од информациската војна која е актуелна токму поради случувањата во Украина преку употребата на технологиите.

Економските оператори што сакаат да учествуваат во постапките за стартапи за потребите на НАТО и неговите земји-членки се евидентираат во евиденцијата на економските оператори што ја води Министерството за одбрана во која било од земјите членки, наведува реномираниот портал кој пишува за технологија The recursive.

На располагање 1 милијарда долари, но како до нив?

Сепак домашните експерти со кои се консултиравме на оваа тема велат дека за поголем и посериозен настап на тендерите за задоволување на потребите на НАТО но и искористување на стартапите и фондовите на Алијансата се потребни поголеми подготовки за домашните компании. Ова не се однесува толку на техничката подготвеност околу задоволување на процедурата, туку повеќе во исполнувањето на количеството и квалитетот, кои произлегуваат од повисоките НАТО-стандарди, кои се применуваат од сите земји-членки на воената алијанса, вели воено-политичкиот експерт Милан Стефановски.

– Нашето членство во НАТО носи низа дополнителни придобивки и можности за македонската економија, со што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки но и да добијат пари од фондовите за иновација со кои ќе можат да реализираат идеи и при тоа да ги развијат своите бизниси. Сепак дека нешто длабоко треба да се промени во однос на ова прашање кај нас е показателот дека многу малку компании од земјава ги користат овие стартапи или се вклучени во вакви проекти кои ги пружа Алијансата. Причините за ваквата наша слаба заинтересираност се должи пред сè на квалитетот на домашните предлог идеи за проектите во НАТО, недоволната стручност но и недостатокот на квалификуван кадар во земјава – оценува воено-политичкиот аналитичар.

Од друга страна новинарот Бојан Стојковски прецизно ги објаснува поволностите од оваа мерка на Алијансата за економскиот корист за Македонија.

Преку Иновацискиот Фонд НАТО најавува интензивно вклучување во развојот на индустриите кои работат со овие „длабоки технологии“, каде вештачката интелигенција има голем удел. Сето тоа може да даде и дополнителен мотив на ваквиот тип на стартапи во земјите од регионот кои се дел од НАТО, вклучувајќи не и нас – и кои можеби понатаму ќе станат дел од овој фонд, со што ќе има уште поголем напредок во развивањето на ваквите технологии на овие простори – вели Стојковски.

Потенцијалните придобивки за крилото на НАТО за Западен Балкан

Минатиот месец, за време на настанот пред Самитот на НАТО во Вилнус, новоименуваниот управен директор на НИФ, Андреа Траверсон ги охрабри помалите нации да станат рани усвојувачи на новите технологии, истовремено истакнувајќи ја нивната потенцијална улога како лидери во поттикнувањето на агендата за иновации и поширокото технолошко усвојување во рамките на Алијанса. Според аналитичарот за разузнавање со седиште во Даблин, Мајкл Ламберт, иако ќе биде потребно време за да се видат првите резултати од овие инвестиции, помалите нации исто така можат да се надеваат дека нивните екосистеми можат да видат поттик од влезниот капитал на НИФ.

„Резултатите нема да бидат видливи многу години. Како и да е, Фондот за иновации на НАТО може да им помогне на некои стартапи под радарот, како што е случајот со членовите како Естонија, на која и недостасуваат средства бидејќи нејзиниот домашен пазар е помал“, изјави Ламберт и додаде дека, помалите членки од крилото на Алијансата за Западен Балкан, како што се Северна Македонија, Хрватска и Албанија, исто така може потенцијално да имаат корист од можностите на НИФ во годините што доаѓаат.

Инаку, најчесто споменувана теза е дека влезот во НАТО придонесува за пораст на БДП, пораст на странските директни инвестиции, пад на невработеноста и развој на приватниот сектор.

Според студија од 2016 година, што го мери „ефектот на НАТО“, во согласност со податоците од неколку земји-членки, постигнувањето на позитивните цели зависи и од други фактори, како што се спроведување на реформите во повеќе области, како и на посветеноста на сите субјекти за подобрување на квалитетот и кредибилитетот на институциите, а со тоа и зголемување на извесноста и предвидливоста во бизнисот.

Од Светската банка, како фактори за економски раст на земјата по зачленувањето во НАТО го посочуваат и остварувањето добро владеење што опфаќа шест широки димензии: слобода и отчетност, политичка стабилност, ефективност на Владата, квалитет на регулативите, контрола на корупцијата и владеење на правото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот