Магична прва изведба на Реквиемот на Прајснер во Филхармонија

Вчеравечер во Филхармонијата публиката уживаше во звуците на премиерната изведба на делото „Реквием за мојот пријател“ на еден од водечките композитори на филмска музика, Збигњев Прајснер. Магична атмосфера владееше во салата од првиот до последниот тон на изведбата.

Прајснер е роден во 1955 година во Полска. Најпознат е по соработката и блиското пријателство со легендарниот полски режисер Кшиштоф Кишловски. Во 1998 година, две години по смртта на Кишловски, Прајснер во негова чест го издава албумот „Реквием за мојот пријател“ за „Ворнер класикс“.

На диригентскиот пулт беше маестро Емил Табаков од Бугарија, а како солисти настапија сопраните Билјана Јосифов и Катерина Стојановска, контратенорот Бојан Булатовиќ од Србија, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, басот Александар Стефаноски, Золтан Борбељ од Србија на оргули, Каролина Бетер (Германија/Србија) на соло блок флејта и мешаниот хор „Про Арс“.

Табаков е еден од најзначајните диригенти на овие простори. Дипломира на Бугарската државна академија, каде студира контрабас, диригирање и композиција. Добитник е на многу значајни награди, како онаа за личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

„Реквиемот“ е напишан во девет ставови, изјавија од Филхармонија, додавајќи дека е типичен за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.

Првиот дел од „Реквиемот“ Прајснер го напишал додека Кишловски лежел во болница, на смртна постела.

– Имаше операција на срцето и се шегуваше што ќе направи кога ќе излезе од болница. Но, никогаш не излезе. Напишав музика и за неговиот погреб, само за органа и глас кој потоа го проширив во „Реквием“. Финалниот дел е молитва за надеж, молитва за сила да продолжи животот. Делото е многу лично. Преку музиката, токму јас барам сила да продолжам да живеам во таа тажна ситуација. Во мојот живот имав малку луѓе со кои сакав да го минувам времето. Еден од нив беше Кшиштоф. „Реквиемот“ е молитва, но и барање, вакво пријателство да ми се повтори барем уште еднаш во животот – откри Прајснер.

Фотографии: Маја Аргакијева

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!