Луна паркот пред СЦ „Борис Трајковски“ ќе си го „истера“ летото, нема јунак што ќе го затвори

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Забавниот парк ќе си работи непречено зашто очигледно е, иако несфатливо, дека активноста на неколку институции се сведе само на увид и контрола, а потоа никој не се почувствува надлежен да ја заврши постапката до крај.

Очигледно никој во градов не може да го затвори Луна паркот што десетина дена непречено си работи на просторот пред СЦ „Борис Трајковски“. И покрај тоа што нема дозвола за работа од ниту една институција, и покрај тоа што на терен излегоа инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од УЈП и од Општина Карпош, со поддршка на полицијата, и покрај тоа што притоа беа утврдени низа неправилности, вртелешките и понатаму си вртат.

Надлежните овој пат реагираа брзо, но без резултат, иако првично на терен изгледаше дека почнува демонтажата на реквизитите од забавниот парк.

Најпрво градоначалничката Данела Арсовска посочи дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир на просторот монтира реквизити и дека Град Скопје, во рамките на своите надлежности, извршил надзор, преземал мерки и го казнил правното лице, кое и покрај тоа си продолжило со работа. Таа ги повика сите надлежни институции да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите други посетители.

Забавен парк кај сала Б.Трајковски / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Потоа се огласи и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, кој информира дека Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од ДПИ, УЈП и градежен инспектор од Општина Карпош излегле на терен и презеле конкретни мерки и активности во рамките на своите надлежности и овластувања. Според него, биле изготвени записници за констатирана состојба додека од овластен градежен инспектор од Општина Карпош била поведена постапка за констатираните неправилности, по што, како што најави, требаше да бидат преземени конкретни мерки, односно да се забрани работата на Луна паркот и да се дислоцираат реквизитите.

Од Општина Карпош, пак, веднаш се прогласија за ненадлежни и соопштија дека доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува Државниот пазарен инспекторат.

Токму ДПИ пред три години го затвори Луна паркот што беше поставен на просторот кај крстосницата помеѓу булевар Борис Трајковски и булевар Србија во Кисела Вода. Како што беше соопштено тогаш, Луна паркот имал уредно издадена дозвола, но поради тоа што беше забранета работата на забавните паркови во времето на пандемијата со коронавирусот, паркот беше затворен. Досега Инспекторатот и покрај бурните реакции во јавноста не постапил така кога во претходните години се поставувале забавни реквизити кај СЦ „Борис Трајковски“. Сега оттаму не одговараат ни дали ќе преземат нешто и кога по контролата што ја направија.

Објаснување нема ниту од МВР зошто и покрај најавата на министерот Тошковски, Луна паркот и понатаму непречено си работи и има ли некаква надлежност МВР во случајов. Речиси е несфатливо дека никој повеќе не излегува со никаква информација дали има моќ да го затвори забавниот парк.

Затоа, јавно ги прашуваме сите институции што направиле контрола: Никој ли не е загрижен за безбедноста на посетителите, пред сѐ на децата, со оглед на фактот дека таму има и сериозно опасни реквизити?

Фото: Слободен печат/Виолета Костовска

Фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир го постави забавниот парк на приватно земјиште, кое според јавно достапните податоци на Агенцијата за катастар е во сопственост на Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Инвестмент интернационал“ ДООЕЛ од Скопје. Токму тоа што се наоѓа на приватен имот, според „Дизниленд реквизити“ значи дека не им е потребна никаква дозвола за работа.

По Арсовска се огласи и Тошковски: Ќе се затвори ли Луна паркот кај СЦ „Борис Трајковски“ поставен без дозвола?

Но во случајов, не станува збор за поставување тезга за продажба на домати, туку за забавен парк со реквизити, каде што некој мора да им ја гарантира безбедноста на посетителите. Од фирмата тврдеа дека поседуваат безбедносни сертификати, но ниедна од инспекциите што вршеа контрола досега тоа не го потврди.

По сѐ изгледа и овој забавен парк, како што беше случај и во некои од претходните години, ќе си го истера летото на радост на некои граѓани што не гледаат ништо лошо во тоа децата да ги однесат на забава, кога во градов со години е затворен стариот, а новиот Луна парк е сѐ уште само во најава.

Ќе си работат непречено вртелешките зашто очигледно е, иако несфатливо, дека надлежноста на неколку институции се сведе само на увид и контрола, а потоа никој не се почувствува надлежен да ја заврши постапката докрај.

Вртелешките вртат на приватен имот пред СЦ „Борис Трајковски“, Градот и Општина Карпош не биле надлежни за дозвола

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот