
Лукашенко впечатливо „отсутен“ на гостувањето во Москва
На скромната парада на Денот на победата во Москва впечатливо беше „отсуството“ на белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој беше присутен во почесната ложа, но не дојде на традиционалниот појадок за шефовите на држави организиран од домаќинот Владимир Путин. Лукашенко, прв пат во 29 години откако е на власт, пропушти да ѝ се обрати на нацијата по повод Денот на победата над фашизмот.
Препорачано
Државните медиуми во Минск објавија фотографии од Лукашенко покрај руски генерали и одликувани воени ветерани во ложата на парадата во Москва и објавија дека тој положил венец на Могилата на незнајниот херој.

Но, опозициските медиуми пренесуваат дека Лукашенко бил единствениот од шестемина шефови на држави што не пешачеле до споменикот во паркот Александров, оддалечен едвај 300 метри од свечената ложа. На снимки се гледа како 68-годишниот Лукашенко му шепоти на Путин, по што рускиот претседател им дал знак на телохранителите, а белорускиот се упатил кон електричните колички и не ѝ се придружил на прошетката, во која биле претседателите на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, на Таџикистан, Емомали Рахмон, на Узбекистан, Шавкат Мирзијојев и на Киргистан Садир Жапаров, како и ерменскиот претседател Никол Пашинјан. Белорускиот претседател положил венец и повеќе не е забележан на свеченостите во Кремљ. На свечениот појадок се гледа празно столче на масата на која се Путин и петтемина други државници.
Политичкиот аналитичар Дмитриј Болкунец тврди дека и амбулантно возило се движело зад автомобилот со кој Лукашенко пристигнал на аеродромот во Москва. Тоа тврдење не беше потврдено од друг извор.
Порталот „Наша нива“ забележува дека Лукашенко во Москва останал само за да ја следи 45-минутната парада и да положи венец, по што неочекувано рано, веќе се вратил во Минск. Тој положил венец на споменикот на хероите, но не ѝ се обратил на јавноста и прв пат не носел воена униформа. Традиционалниот говор по повод Денот на победата го одржал министерот за одбрана Виктор Хренин. Државните медиуми објавија дека Лукашенко на церемонијата на Плоштадот на победата во Минск положил венец, придружуван од своите три сина.
Забележувајќи дека Лукашенко вообичаено не пропушта настани на највисоко ниво, „Наша нива“ заклучува дека претседателот на Белорусија веројатно има „посериозни здравствени проблеми отколку што се чини“. Притоа се посочува на преврската на десната рака на Лукашенко, која се гледа под работ на мантилот, но која ја нема кога белорускиот претседател се поздравува со својот домаќин Путин по пристигнувањето во Москва. Се шпекулира дека Лукашенко примал инфузија.
Белорусија ѝ е најблискиот сојузник на Русија и најмногу ѝ помогна да ја спроведе воената инвазија врз Украина. Лукашенко постигна договор со Путин со кој им ја отстапи белотруската територија за маневрирање и за спроведување вежби, но се воздржа од директно учество на белоруски единици во инвазијата.