Илустрација - Фото: Freepik

Луѓето со две копии од „генот на Алцхајмер“ го намалиле ризикот од болеста за 35 отсто со промени во исхраната

Со посветеност на медитеранската исхрана е намален ризикот од деменција за најмалку 35 отсто кај луѓето со две копии од генот АПОЕ4, главен фактор на ризик за Алцхајмеровата болест, според нова студија.

„Следевме повеќе од 5.700 луѓе во текот на 34 години и откривме дека оние кои ја почитувале основната медитеранска исхрана со малку алкохол, црвено и преработено месо, но полна со зеленчук, овошје, јаткасти плодови, интегрални житарки, мешунки, риба и маслиново масло, сите имале намален ризик од деменција“, рекла Јукси Лиу, главна авторка на студијата на медицинскиот центар Мас генерала Бригам објавена во понеделникот во списанието „Нејч“ (Nature), објави „Си-ен-ен“.

Придобивката била најголема за луѓето со генот АПОЕ4, особено за оние со две копии АПОЕ4, додала Лиу, истражувачка во болницата Бригам и жените и Медицинскиот факултет Харвард.

„Следењето на основната медитеранска исхрана не само што ја намали веројатноста за развој на деменција за 35 отсто кај луѓето со два гена АПОЕ4, туку придржувањето кон исхраната дополнително го намали нивниот ризик“, рекла таа.

Уште еден важен наод од оваа студија: Луѓето со генот АПОЕ4 се чини дека имаат карактеристични метаболички профили кои драматично реагираат на здравите хранливи материи во медитеранската исхрана.

Метаболичките процеси како што се варењето на хранливите материи, производството на енергија и градењето и обновувањето на нервите и ткивата на телото и мозокот во голема мерка зависат од квалитетот на витамините, ензимите, аминокиселините, јаглехидратите и липидите (мастите) во здравата исхрана, рекла Лиз.

„Подобрувањето на метаболичката функција кај луѓето со АПОЕ4 преку исхраната може да го објасни, или барем делумно, огромниот пад на ризикот од деменција што го видовме во нашата студија. Секако, ни требаат идни студии за дополнително да го потврдиме тој концепт“, навела Лиу.

Ова е големо откритие, смета неврологот д-р Ричард Исаксон, директор за истражување во Институтот за невродегенеративни болести во Флорида, кој спроведува студии за когнитивно подобрување кај луѓе кои се генетски изложени на ризик од Алцхајмерова болест.

„Се надевам дека ова ќе ја промени сегашната догма дека поседувањето две копии АПОЕ4 е ‘свршен чин’ за развојот на Алцхајмеровата болест“, рекол Исаксон, кој не бил вклучен во студијата.

„Гените не мора да бидат ваша судбина. Ако ризикот од деменција кај лице во најголемата категорија со ризик може да се намали за 35 отсто само со следење на одредена исхрана, замислете што може да се направи кога се работи на десетици модифицирачки фактори на ризик како што се вежбање, сон, стрес и слично“, додал тој.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот