Луѓе од МПЦ, од бизнис-заедницата и од партиите соработуваат со руските служби, вели Пендаровски

Фото: Стево Пендаровски / Фејсбук

„Никој не може да го оспори правото на црквата да протестира, секој има уставно право на тоа, но според информациите што доаѓаат на овие теми, чудно ми е што црквата првпат повикува на протест по тој повод. Мислам дека имавме многу потешки дилеми со кои се соочија црквата и државата, изјави во интервју за телевизијата „24“ претседателот Стево Пендаровски, запрашан околу вчерашниот протест организиран од МПЦ-ОА.

Според Пендаровски, протестот е беспредметен бидејќи Владата ги повлече од процедура двата закона против кои се протестира – за родова еднаквост и за матична евиденција и побара поширока општествена дебата.

На прашањето дали има руско влијание во протестот на МПЦ-ОА, Пендаровски одговори дека тоа постои, но, сепак, како што посочи, не би било во ред да им се одземе легитимноста на оние што протестирале.

– Руско влијание неспорно имаше и при упадот на 27 април во Собранието, но не можеме да кажеме дека немаше легитимно незадоволство на граѓаните. И сега ако имате повик од највисоката инстанца, Синодот на МПЦ, не може да речеме дека руска служба го натерала дедо Стефан да потпише такво соопштение. Постои легитимна загриженост кај Синодот, не зборувам дали се во право или не се, има аргументи про и контра. Дека ќе има налепено и такви елементи, има, има такви елементи и во највисокото раководство на Синодот тие тоа го знаат. Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот. Јас знам и тоа сум им го кажувал на највисоките црковни великодостојници. Се базирам на извештаите на органите кои се бават со таа работа. Не само на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји членки, од 30 други служби добивам информации бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување на информацииод разузнавачки и безбедносен карактер. Ние немаме таква сила од тука во Скопје да знаеме што се случува во Кремљ, меѓутоа во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува, не само со МПЦ, рече Пендаровски.

Според него, и во бизнис-заедницата и во политичките партии има луѓе кои се поврзани со руските служби.

– И во бизнис-заедницата на високи позиции има луѓе кои одработуваат за Русија додека си го тераат својот бизнис, во политички партии има луѓе кои се врзани со руските служби, и тоа не од сега“, посочи Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот