Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

„Лошиот“ БРТ по мера на ВМРО-ДПМНЕ

Дали ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски на Скопје како решение за подобрување на јавниот превоз му го нудат најоспоруваниот проект оставен од Шилегов, само модифициран по нивна мера? Изгледа е така.

БРТ-превозот не е адекватен за Скопје, а аматеризмот при планирање ќе го загрозеше водоснабдувањето на градот, затоа што планираната траса беше осмислена да се движи над главната водоводна цевка, која се наоѓа во зелениот појас помеѓу двете коловозни ленти на Партизанска, па поставувањето коловоз над неа без заштита, за која се потребни дополнителни 20 милиони евра, ќе предизвикаше хаварија.

Вака тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ во декември 2021 година, набрзо откако нивната избраничка Данела Арсовска седна во градоначалничката фотелја во Скопје. Таа, пак, на првиот и еден од ретките брифинзи тврдеше дека во ниту еден случај нема намера да го имплементира проектот за брз автобуски превоз на Петре Шилегов, затоа што граѓаните ја избрале нејзината програма за бесплатен автобуски превоз со 250 нови автобуси.

Две години подоцна, по „брцкањето на рачињата во медот“ и распадот на „љубовта“ со партијата што ја донесе да градоначалникува со главниот град, Данела се предомисли, веројатно за инает на ВМРО-ДПМНЕ, па она што никако немаше намера да го спроведе, го стави како точка на дневен ред на седница – склучување договор за имплементација на проектот за воведување брз автобуски превоз во Скопје. Образложението беше дека БРТ може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност, намалување на сообраќајниот метеж и на загадувањето.

Како што се очекуваше, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со советниците од Левица и „Зелен хуман град“ не го поддржаа предлогот и останаа доследни на овој став до крајот на мандатот на Арсовска. Тие тврдеа дека тој лош проект не е нивниот концепт што го понудиле на изборите.

Денес, благодарение на возбудливите случувања во Советот на Град Скопје и недоразбирањата меѓу градоначалничката и советниците, Скопје има очајно колабиран јавен превоз. Од бесплатниот превоз и 250-те нови еколошки автобуси, кои беа ветени на претходните локални избори, нема ништо, а БРТ-проектот остана заклучен во фиока и покрај тоа што за него беа обезбедени 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој што залудно стојат на сметка, а државата секоја година плаќа „пенали“ затоа што не ги користи.

Дека политиката нема „образ“ знае секој просечен граѓанин што размислува со своја глава, особено откако ги преживеал неколкудецениските оптимистички ветувања, најави, па изјавите од типот денес вака-утре така, па реков – не реков, кои во голем број случаи се сведувале на гола реторика без краен резултат.

Но и покрај целото досегашно искуство на ова поле, скопјани веројатно се, најблаго речено, шокирани од неодамнешната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој тврди дека не се откажува од БРТ(?!). Требало само проектот да биде модифициран, наместо до Ѓорче Петров трасата да продолжи до Сарај, а истовремено да се развива и другата линија север – југ, што треба да го поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево.

– Така што од тоа, апсолутно не се откажуваме, треба со европските финансиски институции да ги обновиме разговорите, дали сѐ уште стои тој заем, дали можеме да го модифицираме заеднички техничкото решение, да не уништуваме зеленило. Мислам дека во неколку месеци можеме тоа да го операционализираме доколку постои расположение од другата страна и веднаш да тргнеме со допроектирање, очекувам реално 2026, 2027 да почнат теренските активности – прецизираше Мицкоски.

Притоа, тој не објасни како одеднаш БРТ од лош проект, кој неговите советници го кочеа со години, преку ноќ стана добар. Не кажа ни дали граѓаните досега се малтретираа со катастрофалниот јавен превоз заради несоработката со Арсовска, за која неколкупати се извини што ја поддржале на претходните избори, иако тоа на граѓаните не им значи ништо.

Всушност, прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски, како решение за подобрување на јавниот превоз, на Скопје му го нудат најоспоруваниот проект оставен од Шилегов, само модифициран по нивна мера? Изгледа е така. Заедно со 80-те автобуси кои треба да ги набави Владата, но кои некако во последниот период малку срамежливо се споменуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот