Плакат за јунската едиција на „Перформанс платформа фестивал“

„Локомотива“ ќе ја одржи јунската едиција на „Перформанс платформа фестивал“

Центарот за нови иницијативи во културата и уметноста „Локомотива“ ја најави јунската едиција на „Перформанс платформа фестивал“ (ППФ), што ќе се одржи од 9 до 12 јуни во Младинскиот културен центар – МКЦ во Скопје.

Новиот „Перформанс платформа фестивал“ ќе се организира во две изданија: едното во јуни, а другото во октомври. Во духот на феминистичката кураторска перспектива, фестивалот ќе биде организиран во соработка со други фестивали, организации и индивидуи, како на локално така и на меѓународно ниво – со цел да бидат споделени ресурсите и да биде организиран со здружени сили.

ППФ 2025 го отвора јунското издание преку плуриверзален (Ескобар, 2018) кураторски пристап, односно прикажува и промислува различни светови, перспективи, пристапи, преку призмата на екофеминистички и екополитички колективни и здружени пристапи и вложувања. На тој начин ја гради и ја дизајнира сцената и поширокиот простор како плуриверзален, составен од мноштво поетики и практики.

Фестивалот ќе понуди: (Не)конференција: „(Еко)Феминизам во пракса(и): Преосмислување на уметноста и кураторските иднини“ ( 9-11 јуни 2025, 11:00–17:30 @МКЦ); Прво издание на Македонска кореографска платформа (МКП) и разговори со уметниците (9 и 10 јуни 2025, 20:00 @МКЦ); „BLOT – Body Line of Thought“, перформанс на „Tangaj Collective“ (11 јуни 2025, 20:00 @МКЦ); Култренинг работилница „BodyImage Techniques: Morphing со Tangaj Collective“, 12 јуни 2025, (17:00 @МКЦ).

(Не)конференцијата ќе се обиде да сподели како кураторските иднини може да се спротивстават на „екстрактивистичките модели на капиталоцената“ (Haraway) и да понудат „одржување“ (sustainment) (Fry) како алтернатива на неолибералната „одржливост“ (sustainability). Преку споделување практики, прошетки-дискусии и критичка и феминистичка педагогија, уметниците и кураторите ќе се обидат да кокреираат знаење кое ќе биде пренесено во фанзин.

МКП се појавува како критичка иницијатива за да го зајакне и истакне авторскиот глас на македонските кореографи во домашниот, но и во поширокиот транснационален контекст. Тоа е нова иницијатива на 10 кореографи и танцови професионалци кои преку сплотеност и солидаризирање се организираат во своето претставување.

BLOT — хибриден еко-перформанс за микробиолошка меѓузависност — ќе даде кореографски преглед како контрапункт на антропоцентричните кореографии, резонирајќи со повикот на Ана Цинг за „уметности на забележување“.

Ова издание повикува на плуриверзирање како кураторска практика, односно перформативно создавање на светови – повикувајќи ја јавноста, институциите и екологиите на колективна реимагинација на уметноста како простор за трансформација, грижа и заеднички иднини.

Соработници, пријатели, другари и партнери на фестивалот во јунската програма се: „Скопје прајд викенд“, „Прво Па Женско“ (Tiiiit! Inc.) и МКЦ Скопје.

Поддржувачи се Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Фондација „Хајнрих Бел“, Гете-институт Скопје, „Performance Situation Room“ / проект LLB 3 финансиран од програмата „Креативна Европа“ и „Perform Europe“, известија од тимот на „Локомотива“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот