Фото: Средба на Љупчо Коцевски со делегација од ДИК / ЈО на РСМ

Љупчо Коцевски седна на маса со претставници на ДИК

Јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, донел заклучок да се формира привремена комисија и за овој изборен процес, што ќе следи можни кривични дела поврзани со изборите.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски, и претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, денеска се сретнаа со делегација од Државната изборна комисија (ДИК) составена од претседателот Борис Кондарко, заменик-претседателот Абдуш Демири и членовите Светлана Карапетрова и Александар Даштевски, соопшти Јавното обвинителство (ЈО).

„Двете институции се договорија да ја зајакнат меѓуинституционалната координација во рамките на своите законски надлежности за организација и следење на изборниот процес на претстојните локални избори. Јавното обвинителство и Државната изборна комисија посветено работат за да ги овозможат сите услови за фер и ефикасен изборен процес“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Јавниот обвинител Коцевски ги информирал претставниците на ДИК дека Колегиумот на Јавното обвинителство на РСМ донел заклучок да се формира привремена комисија и за овој изборен процес, задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности, поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

Комисијата ќе има за задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата, поврзани со процесот на организирањето и на спроведувањето на локалните избори.

„За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик“, се вели во соопштението на ЈО.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, а во Комисијата ќе членуваат и по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство кое покрива најголемо подрачје.

Јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, ќе можат да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected] која ќе биде активна и за овој изборен процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот