Илустративна фотографија за љубовен пар / Фото: Profimedia

Љубовта има моќ да ја блокира болката како опијат, но тоа важи само за парови во одредена фаза од врската

Интензивните налети на страст можат да бидат исто толку ефикасни во намалување на болката како кокаинот и другите забранети дроги, покажа едно истражување спроведено на американски студенти, пишува „Е-клиника“.

Сите учесници биле во раната, страсна фаза од врската. Нивните чувства кон партнерот ја намалиле силната болка во просек за 12 проценти, а умерената болка дури за 45 проценти.

„Кога луѓето се во таа страсна, често преплавувачка фаза на љубов, доаѓа до значајни промени во расположението што влијаат врз доживувањето на болката“, објаснува д-р Шон Маки, раководител на Одделот за управување со болка, вонреден професор по анестезиологија и главен автор на студијата.

„Почнуваме да ги разликуваме и препознаваме дел од овие системи за наградување во мозокот и како тие влијаат врз болката. Станува збор за многу длабоки системи во нашиот мозок, кои пред сè го вклучуваат допаминот – примарниот невротрансмитер што влијае врз расположението, наградата и мотивацијата“, додава тој.

Иако научниците сè уште не се подготвени да им препорачаат на пациенти со хронична болка да ги заменат лековите со страсна љубовна врска, се надеваат дека подоброто разбирање на овие мозочни патишта за наградување може да доведе до нови начини за олеснување на болката.

„Се покажа дека деловите на мозокот што ги активира интензивната љубов се истите што ги користат лековите за намалување на болката. Кога мислите на саканата личност, се активира центарот за наградување во мозокот – истиот што се активира кога земате кокаин или кога добивате голема парична добивка“, појаснува д-р Артур Арон, професор по психологија на Државниот универзитет во Њујорк и еден од авторите на студијата, кој љубовта ја проучува веќе три децении.

Идејата се родила пред неколку години на конференција за невронаука, кога д-р Арон, кој ги проучува ефектите на љубовта и страста врз психофизичкото здравје, се сретнал со Маки, експерт за истражување на болката.

„Арт зборуваше за љубовта. Јас зборував за болката. Тој ги опишуваше мозочните системи поврзани со љубовта, а јас оние поврзани со болката. Сфативме дека има огромно преклопување меѓу нив. Почнавме да се прашуваме – дали е можно едното да влијае на другото?“, вели Маки.

По конференцијата, Маки се вратил на Универзитетот Стенфорд и започнал соработка со постдокторандот и истражувач Џаред Јангер, денес анестезиолог, кој бил подеднакво заинтересиран за идејата. Тие тројца осмислиле истражување што опфатило снимање на мозокот на студенти кои тврделе дека се „во првата фаза на интензивна љубов“.

„Поставивме постери низ универзитетот и за неколку часа студентите чукаа на нашата врата. Ги баравме оние што се во првите девет месеци од романтичната врска. Ова беше најлесната студија за регрутација што Центарот за болка на Стенфорд некогаш ја имал. Кога сте вљубени, сакате на сите да им раскажете за тоа. Намерно се фокусиравме на оваа рана фаза на страст. Не баравме учесници од подолготрајни, позрели врски. Сакавме луѓе кои се еуфорични, полни со енергија, опсесивно размислуваат за саканата личност и жеднеат за нејзино присуство“, објаснува тој.

„Кога страсната љубов се опише на овој начин, навистина звучи како зависност. Помисливме – можеби таа навистина ги вклучува истите мозочни системи како зависностите, а тие во голема мера се поврзани со допаминот“, додаваат авторите.

Регрутирале 15 студенти (осум девојки и седум момчиња). Секој донел фотографија од саканата личност и фотографија од еднакво привлечен познаник. Истражувачите наизменично ги прикажувале фотографиите, додека на дланката на учесниците поставувале компјутерски контролиран термален стимулатор загреан за да предизвика блага болка. Во исто време, мозокот им бил скениран со функционална магнетна резонанца.

Студентите биле тестирани и на намалување на болката преку „ометачки“ задачи, како што е барањето да набројат спортови без топка. Претходните научни докази покажале дека одвлекувањето на вниманието може да го намали болот, па истражувачите сакале да проверат дали љубовта е само вид на одвлекување.

Резултатите покажале дека и љубовта и одвлекувањето на вниманието подеднакво ја намалуваат болката – и тоа значително повеќе отколку гледањето фотографија од привлечен познаник. Интересно е што овие два метода користеле сосема различни мозочни патишта.

„При тестот со одвлекување на вниманието, патиштата во мозокот што водат до намалување на болката главно биле когнитивни. Намалувањето било поврзано со повисоките, кортикални делови од мозокот. Аналгезијата предизвикана од љубов, пак, била многу повеќе поврзана со центрите за наградување. Таа вклучува подлабоки и поосновни делови од мозокот, активирајќи структури што можат да го блокираат болот на ниво на ’рбетниот мозок, слично на дејството на опијатите. Едно од клучните места е nucleus accumbens – главниот центар за наградување, поврзан со опијати, кокаин и други зависности. Овој регион му „кажува“ на мозокот дека треба да продолжите со тоа што го правите“, објаснува д-р Јангер.

„Сето ова ни покажува дека не мора секогаш да се потпираме само на лекови за намалување на болката. Луѓето можат да почувствуваат силна награда без несаканите ефекти од лековите – но сè е индивидуално“, заклучува д-р Арон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот