Фото: FCBayernUS/x

Ливерпул падна во пеколот на Истанбул, петарда за Пафос и Ајнтрахт, Ајакс понижен во Марсеј

Во терминот од 21 часот се одиграа седум натпревари од второто коло во Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Галатасарај приредија сензација откако во пеколната атмосфера во Истанбул го совладаа Ливерпул со 1:0.

Херој на мечот беше Виктор Осимен, кој во 15. минута од пенал ја затресе мрежата на Алисон – речиси 19 години по голот на Саша Илиќ против истите ривали. Англичаните бараа израмнување со влегувањето на Салах и Исак, но безуспешно. Во 88. минута судијата најпрво досуди пенал за „црвените“, но по ВАР проверка ја поништи одлуката.

За разлика од Ливерпул, Тотенхем се извлече кај Боде/Глимт – по водство од 2:0 за Норвежаните, „спарсите“ со головите на ван де Вен и автоголот на Гундерсен извлекоа 2:2.

Во Лондон, Челзи минимално ја совлада Бенфика со 1:0. Единствениот погодок беше автогол на Ричард Риос. Натпреварот беше во знакот на емоционалното враќање на Жозе Мурињо на „Стемфорд Бриџ“, но овојпат како тренер на Лисабонците.

Во Марсеј, Ајакс доживеа вистинска катастрофа – 4:0 за Олимпик. Двојниот стрелец Паишау и Гринвуд ја решија приказната уште во првото полувреме, а Обамејанг стави точка во 52. минута.

Атлетико Мадрид го декласираше Ајнтрахт Франкфурт со 5:1. Респадори, Ле Норман, Гризман, Симеоне и Алварес беа стрелците за „јорганџиите“, додека единствениот гол за Германците го даде Буркарт.

Идентичен резултат – 5:1 – постигна и Баерн Минхен на Кипар против Пафос. Веќе до полувреме Баварците водеа со 4:1 со головите на Кејн (двапати), Гереро и Џексон, а единствена утеха за домаќините беше погодокот на Оршиќ. Во второто полувреме Олесе ја завери победата.

Интер на „Џузепе Меаца“ лесно се справи со Славија Прага – 3:0. Двапати погоди Лаутаро Мартинес, а еднаш се запиша Дамфрис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот