Лидерите од регионот во Скопје/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Лидерите од Западен Балкан за Планот за економски раст: Политиката и различностите настрана, економскиот просперитет во фокусот

Во процесот кон ЕУ никој нема никого да блокира, ниту има право на вето. Никој нема да го сопре другиот да напредува поради некакви нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици, порача американскиот помошник државен секретар Џејмс О‘Брајан.

Планот за економски раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра европски пари од кои 2 милијарди како неповратни, а 4 како поволни кредити, слободен проток на луѓе, стоки и услуги меѓу државите, како и заложби за економски заеднички напредок наспроти историјата, поделбите и политичките несогласување се главните поенти и заклучоци од состанокот на лидерите од регионот којшто се одржа во Скопје, а чиј домаќин беше македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

– Ова е најсериозната политичка потврда од ЕУ дека имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Со неговата реализација земјите од регионот треба да го удвојат бруто домашниот производ од просечните шест илјади евра по глава на жител на 12 илјади евра во следните години. На состанокот се фокусиравме на два од четирите столба и тоа на заедничкиот регионален пазар и на единствениот европски пазар. Овие два столба беа помалку застапени, а истите имаат клучна улога во ослободување на економскиот потенцијал на регионот и ќе го направат регионот попривлечен за европските и светските инвеститори – порача премиерот Ковачевски на завршната прес-конференција.

На новинарско прашање во врска со тоа дека Планот сè уште не поминал на Советот на ЕУ и кога очекува тоа да се случи, Ковачевски напомена дека тој план беше претставен од страна на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и додаде дека согласно процедурите на ЕУ, тој секако дека ќе се најде на една од наредните седници на Комисијата, со оглед на тоа дека таа во овој состав сигурно ќе работи до јуни.

О’Брајан: Планот за раст на ЕУ ќе овозможи побрз пристап до единствениот пазар на ЕУ

Според помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајан, во процесот кон ЕУ никој нема никого да блокира, ниту има право на вето. Никој нема да го сопре другиот да напредува поради некакви нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици. Неговата порака е дека ако некоја од земјите во регионот сака да ги забави реформите, може да го направи тоа и за таа политика ќе решат граѓаните таму. Но, ако сака да блокира други во евроинтеграцијата, тоа нема да пројде.

Џејмс О‘Брајан/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Во следните неколку месеци се очекуваат и практични иницијативи, а освен за слободниот проток на луѓе, стоки и услуги и за единствената европска зона за плаќање, меѓу лидерите се разговарало, како што откри О’Брајан, и за други идеи како што се производството, преносот и трговијата на електричната енергија. Тој додаде дека граѓаните од регионот уште во првата година ќе ги почувствуваат придобивките од оваа иницијатива.

Неговата оценка е дека САД одамна ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјите во регионот и таа никогаш не била поблиска за нас. Она што дава надеж, според него, е дека ЕУ знае да се иновира и дека со новиот План за раст за Западен Балкан овозможува, ако ја завршиме практичната работа, граѓаните да имаат бенефит од тоа.

Еди Рама: Економијата е поважна од историјата и недоразбирањата на Балканот

Премиерот на Албанија Еди Рама на лидерскиот состанок порача дека ова претставува голем тест на зрелоста што треба да го поминат земјите од регионот.
– Договорите кои сега се дел од Планот за раст и заеднички пазар, се дел и од Отворен Балкан и тоа што требаше да биде Берлинскиот процес, за што сите требаше да бидат посериозни. Но, тоа се претвори во дневна политика и игри на моќ не само во регионот, туку и во ЕУ. Затоа, многу сум возбуден од ова, бидејќи „да се биде мотивиран од конкретен чекор од ЕУ е нешто историско“, забележа иронично Рама.

Вучиќ: Првпат разговараме само за економија

Состаноците во Скопје, како важни за напредокот и развојот на целиот регион ги оцени и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Ова е првпат да разговараме само и исклучиво за економија, а не и за големи политички прашања за кои постојат значајни разлики меѓу нас и мислам дека е тоа добар предуслов за напредок на целиот регион и луѓето да ги почувствуваат благодетите и придобивките од тоа што го работиме, рече Вучиќ.

Меѓу конкретните придобивки кои тој ги очекува се заеднички пазар, но и зелени линии за камионите од регионот на границите во ЕУ за да се намалат трошоците и да се зајакне економијата. Србија, рече Вучиќ, во Белград веќе го претставила својот план за развој и тој, според него, се вклопува со ЕУ и затоа најави дека ќе дадат сѐ од себе за да добијат пристап до она што го предвидува Планот за раст.

Копман: Планот за раст ќе го забрза процесот за пристапување кон ЕУ

Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, пак, го повтори она што Комисијата веќе го кажа при презентацијата на Планот за раст – тој може да ги смени работите во регионот и да ги дуплира економиите во следната декада.

– Охрабрувачки е како земјите го прифатија овој план и веќе работат на реформите и ќе помогнат тој да се спроведе. Овој План е голем поттик за економскиот развој и многу сме охрабрени што го гледаме ентузијазмот кај сите земји во врска со него, рече Копман.

Планот за раст на Западен Балкан условен со реформи и владеење на право

Европската комисија го презентираше Планот за раст на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социо-економскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

За да ги добијат парите предвидени со Планот, земјите од регионот треба да исполнат услови. Притоа од регионот се бараат конкретни социо-економски реформи, но и фундаментални реформи како владеење на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права и слободи. Тука се и макрофинансиската стабилност, здравото управување со јавните финансии, транспарентноста и надзорот на буџетите.

За Србија и Косово, како што беше наведено кога се објави Планот, има и посебен предуслов – конструктивно да учествуваат во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи со цел да ги спроведат обврските од досега постигнатите договори и анекси.

Амбициозниот план, како што наведе ЕК кога го објави во ноември лани, предвидува првите исплати да се случат првата половина од 2024, меѓутоа земјите треба да подготват реформски агенди кои ќе бидат одобрени и од Брисел, а врз основа на нив ќе може и да се оцени напредокот.

Инаку учесниците при доаѓањето на средбата, пред новинарите не ги споменаа политичките прашања од регионот, туку се фокусираа на најавите за реформи кои се потребни за да се оствари Планот за раст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот