
ЛГБТК+ католици и нивни семејства учествуваа на поклонение во Рим за Светата Година
Стотици католици, членови на ЛГБТК+ заедницата и нивни семејства денес присуствуваа на поклонение во Рим, по повод Светата или Јубилејна година. Настанот е оценет како ново ниво на прифаќање на ЛГБТК+ заедницата во Католичката црква, при што заслугата се припишува на поранешниот папа Франциск, пишува АП.
Препорачано
Потпретседателот на Италијанската бискупска конференција, бискупот Франческо Савино, отслужи миса во преполната језуитска црква, а толпата ги поздрави неговите зборови со стоечки овации.
Неколку ЛГБТК+ организации учествуваа во поклонението, кое е наведено во официјалниот календар на Ватикан за Светата Година, но организаторите нагласуваат дека тоа не подразбира одобрување или спонзорство од страна на Црквата.
Главниот организатор е италијанската ЛГБТК+ организација „Џонатановиот шатор“, а на настанот учествуваше и американската група „Оутрич“, основана од језуитскиот свештеник Џејмс Мартин, познат по застапувањето за поголемо прифаќање на ЛГБТК+ католиците.
Папата Лав XIV денес имаше посебна аудиенција за сите поклоници, кои во текот на денот се очекува да поминат низ Светата врата на базиликата „Свети Петар“. Светата Година, која се одржува еднаш на секои четврт век, годинава е посветена на надежта и повикува верниците на поклонение во Рим.