Фото: facebook.com/IgorIdzeStefanovski

„Летечкиот“ Македонец од четвртата позиција во Имола, Иџе се надева на добар пласман

Викендов на патеката „Енџо и Дино Ферари“ во Имола ќе настапи Игор Стефановски во рамките од италијанскиот ТЦР шампионат.

Ова е една од омилените патеки на македонскиот автомобилист, има добри резултати од 2016 година кога победи во тогашниот европски шампионат (ЕТЦЦ).

Во 2019 година беше на подиумот и на двете трки од ТЦР Италија со второ и трето освоени место, а лани од вкупно четири трки трипати дојде до четвртата позиција, а еднаш беше третопласиран.

Можно е викендов нашиот Иџе да ја продолжи таа традиција на добри пласмани со оглед на добрите денешните резултати на тренинзите и квалификациите.

Стефановски имаше второ најдобро време на вториот официјален тренинг, зад Шпанецот Микел Тројас Азкона, а пред Италијанецот Кевин Чекон.

Во квалификациите дојде до одличната четврта позиција од вкупно 28 натпреварувачи со време 1:51.186 мин. со својот „Хјундаи и30 Н ТЦР“, зад Тројас Азкона (1:50.208) кој ќе стартува прв, пред Чекон и Русинот Евгениј Леонов.

– Одлично поминат ден, конечно во Имола, на една од моите омилени патеки. Морам да кажам дека сум задоволен, со една втора позиција на вториот официјален тренинг, со четврта позиција за утрешната трка на квалификациите. Морам да напоменам од 28 врвни возачи, од кои неколку се и возачи кои настапуваат во светскиот шампионат, а тука е и европскиот шампион Азкора. Но, ме радува тоа што стартуваме од вториот ред, ќе има дефинитивно добра трка, подготвени сме, тимот го подготви моето старо возило можам да кажам во добра форма и парираме на доста поспремните. Очекувајте утре добра трка, се надевам дека ќе биде добро, ќе дадам сè од себе, тука е и тимот кој секогаш се труди за возилото и сето она што е потребно во добар ред. Се надевам на добар пласман – рече Стефановски после квалификациите.

В сабота е првата трка од 13.20 часот, а в недела е втората од 12.15 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот