Архива на СП

Лекови за депресија, Алцхајмер и дијабетес „се кандидираа“ за позитивната листа

Десет лекови коишто се употребуваат во третманот на високиот крвен притисок, срцевата слабост, дијабетесот, анксиозните растројства, како и за превенција на тромбоза, за третман на Алцхајмерова болест и за депресија чекаат да бидат ставени на позитивната листа, потврдуваат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Процедурата за проширување на позитивната листа е долга, но поминати се неколку чекори и сѐ поизвесно е дека овие лекови ќе завршат на неа и пациентите ќе ги добиваат бесплатно. На последната седница на Комисијата која одлучува за лековите што ќе се најдат на проширената позитивна листа разгледани биле околу 10 поднесоци за ставање на нови генерички лекови за горенаведените дијагнози на примарната позитивна листа.

Комисијата ги оценила барањата за овие лекови и за нив во моментов се чека мислење од Фондот за здравство за фармакоекономските анализи.

– Потоа, Комисијата ќе може да достави предлог за дополнување на листата на лекови со нови лекови, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Министерството за здравство исто така, предложило да се измени Правилникот за позитивната листа, со цел да се овозможи рангирање на лековите неколку пати годишно.

Министерот за здравство, доктор Фатмир Меџити најави проширување на позитивната листа уште пред половина година. На позитивната листа сигурно е дека нема да се најдат лекови за слабеење, за козметички цели и за откажување од пушењето, бидејќи со новиот изработен правилник е утврдено дека апликациите од фармацевтските компании за овој вид на лекарства нема да бидат прифаќани. На позитивната листа нема да може да се стават ниту лекови кои се покриени со здравствените буџетски програми, лекови што не се препишуваат на рецепт, лекови што служат за промена на атлетските способности, лекови што се даваат во козметички цели, за престанок на пушење, за губење телесна тежина и нутриенси наменети за специфични диети.

На позитивната листа како и до сега ќе има два типа на лекови, од листата А и од листата Б. На листата А се наоѓаат лековите што се пропишуваат и издаваат на рецепт во здравствена установа од примарна здравствена заштита. Тие може да се издаваат и да се користат и во болници.

На листата Б се наоѓаат лекови за специјалистичка и болничка здравствена заштита, односно таа содржи лекови што се препорачуваат и применуваат во болниците.

Фармацевтската компанија во апликацијата за нејзиниот лек да се најде на позитивната листа на лекови, приложува збирен извештај за особините на лекот, изјава со која се обврзува дека ќе го снабдува лекот континуирано, најмалку во наредните 12 месеци, научни докази за значењето на лекот, анализа за тоа дека има економска оправданост од примената на лекот, табеларен приказ дека лекот се користи и дека е покриен од буџетите во соседството како во Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, приказ за тоа колку чини лекот на големо во земјите од регионот, колку пари треба да чини доплатата од страна на пациентите, како и предлог за тоа колку пари треба да чини лекот на големо во Македонија.

Комисијата за оценка на апликациите за тоа лекот да се стави на позитивната листа, се состои од членови од Министерството за здравство, од ФЗОМ, од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), од Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, односно во Комисијата има и специјалисти од различни области.

Лекот ќе се вреднува од повеќе аспекти, меѓу кои и тоа колку одредена болест го чини општеството, неговата безбедност, ефикасност и ефективност, како влијае врз текот на болеста, како тој влијае врз буџетот.

– Вреднувачки критериум се и етичките аспекти, односно намената на лековите за деца до 18 години, жени кои планираат семејство, породување и мајчинство. Претседателка на стручната комисија која ќе ги разгледува апликациите на фармацевтските компании е доктор Љубица Шутуркова. Позитивната листа на лекови не е ревидирана 13 години.

На страницата www.lekovi.zdravstvo.gov.mk на крајот на секој месец ќе се објавуваат имињата на лековите за кои било поднесено барање и уредно било прифатено со името на подносителот, името на лекот, дозата и јачината.

Ажурирањето на позитивната листа на лекови е долгоочекувано и треба да обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот