Фото: Профимедиа

Лекарите: Сакате да го намалите ризикот од мозочен удар? Не правете 4 работи по 17 часот

Мозочниот удар е една од водечките причини за смрт во светот, а според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), неговата зачестеност се зголемува. Иако не можеме да влијаеме на некои фактори на ризик, секојдневните навики можат да играат голема улога во превенцијата.

Д-р Симран Малхотра нагласува дека малите, постојани навики како што се здравата исхрана, квалитетниот сон и избегнувањето алкохол и тутун можат значително да го намалат ризикот од мозочен удар. Според истражувањата, дури 84 отсто од мозочните удари се поврзани со промена на животниот стил. Затоа, експертите истакнуваат четири работи што треба да ги избегнуваме по 17 часот за да го намалиме ризикот.

1. Доцна вечера

Иако доцните оброци им изгледаат како навика на многумина, тие можат да претставуваат ризик за здравјето на мозокот и срцето.

„Доцните оброци можат да го нарушат циркадијалниот ритам на телото и негативно да влијаат на крвниот притисок и метаболизмот“, вели Мишел Рутенштајн, диететичарка специјализирана за здравје на срцето, за „Итинг вел“ (EatingWell).

Истражувањата покажале дека вечерата по 21 часот е поврзана со поголем ризик од мозочен удар во споредба со раните оброци. Сличен ризик е забележан и со доцниот појадок, што укажува на тоа дека времето на оброците може да има поголемо влијание врз здравјето отколку што се мислеше претходно.

2. Лежење на каучот по вечерата

Вечерниот одмор пред телевизор или на телефон може да изгледа безопасно, но долготрајното седење навечер, особено ако веќе седиме во текот на денот, го зголемува ризикот од мозочен удар. Една голема студија откри дека физички неактивните луѓе помлади од 60 години кои поминуваат повеќе од осум часа на ден гледајќи телевизија, користејќи компјутер или читајќи имаат три ипол пати поголема веројатност да добијат мозочен удар.

„Прошетката во траење од 20 минути по вечерата може да помогне во варењето и регулирањето на шеќерот во крвта“, вели д-р Малхотра, додавајќи дека тоа помага во спречувањето на предијабетесот, дијабетесот, високиот крвен притисок и на крајот – мозочниот удар.

3. Пиење алкохол навечер

Вечерното опуштање со алкохол е навика за многумина, но новите докази упатуваат на тоа дека дури и умерените количини можат да бидат штетни.

„Алкохолот го зголемува воспалението и ги оштетува клетките“, вели д-р Трој Александар-Ел.

Една од најголемите меѓународни студии за ризикот од мозочен удар покажа дека умерениот и високиот внес на алкохол е поврзан со поголем ризик, а дури и консумирањето пет или повеќе пијалаци само еднаш месечно ја зголемува веројатноста за мозочен удар. Експертите препорачуваат да го замените вечерниот пијалак со билен чај или безалкохолен коктел.

4. Премногу доцна си легнувате

Гледањето телевизија, прелистувањето низ социјалните медиуми или работењето доцна навечер може да има негативни последици за вашето здравје.

„Сонот е основа на долговечноста и најпотценетата животна навика“, вели д-р Малхотра.

Истражувањата покажуваат дека премалку сон (помалку од пет часа) го зголемува ризикот од мозочен удар за 33 отсто, но дека премногу сон (повеќе од осум часа) го зголемува овој ризик за дури 71 отсто. Целта треба да биде околу шест до осум часа сон, со доследни часови за спиење и будење секој ден, дури и во текот на викендот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот