Фото: Профимедиа

Лекарите предупредуваат на три симптоми што укажуваат на затнати артерии

Затнатите артерии, познати како атеросклероза, можат да играат значајна улога во предизвикувањето на неколку сериозни срцеви болести.

Многу е важно да се грижиме за здравјето на срцето, бидејќи кардиоваскуларните болести се една од водечките причини за смрт во светот, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

Тоа е широка категорија која опфаќа многу различни болести и варијации на нарушувањето, но секоја од нив вклучува нарушување на барем една од виталните функции на срцето, вклучително и дистрибуција на крв и кислород до остатокот од телото.

Затнатите артерии, познати како атеросклероза, можат да играат значајна улога во предизвикување на неколку сериозни срцеви болести и поттикнуваат итни случаи, како што се срцев и мозочен удар.

Со текот на времето, артериите кои носат крв низ телото стануват исполнети со леплив материјал наречен плак, кој може да се состои од холестерол, калциум и фибрин. До одреден степен, затнатите артерии може да се ублажат и да се вратат назад, но вистинскиот предизвик е да се фати состојбата навреме за да се овозможи тоа.

– Комплексноста на затнувањето на артеријата и срцевите болести е во тоа што обично нема никакви симптоми и тоа е нивната опасност. Вообичаено, кога ќе се појави некој симптом, тоа е драматичен и трауматичен настан, како што е срцев или мозочен удар. Бидејќи затнувањето на артериите е постепен процес, не се случува сè одеднаш, а бидејќи блокадата е бавна, симптомите се исто така бавни – објаснува д-р Иан Смит за „Парада“.

Најдобар начин да се спречи затнувањето на артериите е да се одржува здрава исхрана и да се вежба многу. Меѓутоа, бидејќи артериите понекогаш почнуваат да се затнуваат уште во дваесеттите години од животот, препознавањето на симптомите, колку и да се суптилни, е исто така клучно.

Така, д-р Иан Смит и кардиоваскуларниот хирург, д-р Џонатан Јанг, посочуваат на некои од најчестите предупредувачки знаци за затнати артерии во различни фази од процесот.

Притисок и болка во градите

Силната болка во градите е јасен знак за срцев удар, но дури и блага болка и притисок може да бидат сериозен предупредувачки знак.

– Класичниот знак на коронарната артериска болест е болка во градите како притисок во средината на градниот кош или малку налево, особено додека сте активни – вели д-р Јанг.

Но, тој додава дека болката предизвикана од блокираните артерии може да се појави на неколку други места, вклучително и низ раката (почесто левата рака) и во вратот каде што се наоѓа артеријата. Покрај тоа, д-р Јанг вели дека болката што се појавува кога некој е во мирување е позагрижувачка отколку кога некој чувствува болка во градите додека се напрега.

Скратен здив, забрзано чукање на срцето и палпитации

Отежнатото дишење (недостиг на здив) во текот на вежбање или краток здив при мирување исто така може да биде знак за затнати артерии, велат лекарите.

– Поради намалениот проток на крв во срцевиот мускул поради оваа болест, срцето може да ослабне и да предизвика отежнато дишење, бидејќи крвта се враќа во белите дробови, а крвта богата со кислород не може ефикасно да се турка напред – вели д-р Јанг.

Недостигот на кислород, исто така, може да доведе до абнормален срцев ритам, што пак, за возврат може да доведе до побрзо чукање на срцето. Овие симптоми може да бидат резултат и на спазам на коронарната артерија, кој се појавува кога артеријата во срцето се стеснува и затвора. Затнатите артерии може да ги предизвикаат и овие настани.

Вртоглавица, гадење и печење во нозете и рацете

Симптомите како што се вртоглавица и гадење исто така може да бидат показатели за срцеви заболувања, иако жените ги доживуваат почесто од мажите. Вртоглавица може да се појави како резултат на намален проток на крв.

– Поради типот на нервните завршетоци во срцето, блокираните артерии можат да создадат нејасни, генерализирани сензации, а не само дискретни болки во градите. Пациентите често опишуваат притисок, пецкање или вкочанетост во левата страна на градниот кош, но и по должината на вратот и низ која било рака – заклучил д-р Јанг.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот