
Левица е единствената партија што нема да се рекламира ниту со државни, ниту со партиски пари
Иако има шест пратеници, Левица е единствената партија што нема да може да се рекламира пред локалните избори ниту со пари од државата ниту со партиски пари. Лидерот на Левица Димитар Апасиев обвинува дека ваквиот чекор на Агенцијата им е абер од премиерот Христијан Мицкоски, преку неговиот, како што го нарекува „подлизурко“, директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски.
Опозициската партија Левица, која во Собранието има шест пратеници, е единствената партија што нема да може да се рекламира пред локалните избори ниту со пари од државата, ниту со партиски пари. И покрај претставките, тужбите до Уставниот суд, најавите за кривични пријави, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) едногласно го усвои Нацрт-упатството, според кое партија без ниту еден пратеник ќе има неколку минути за политичко рекламирање, додека за Левица нема пари за изборна кампања, иако на последните избори освои доволно пратеници за да формира и пратеничка група.
Препорачано
– АВМУ, по завршување на јавната консултација, а со цел појаснување на начинот на примена на одредбите од Изборниот законик, денеска го донесе Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 – соопштија од Агенцијата, а директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за „Слободен печат“ рече дека Советот на Агенцијата го усвоил упатството едногласно.
Партијата на чие чело е Димитар Апасиев, останува оштетена за овие локални избори. Апасиев обвинува дека ваквиот чекор на Агенцијата им е абер од премиерот Христијан Мицкоски, преку неговиот, како што го нарекува – „подлизурко“ – директорот на Агенцијата, Трајчевски.
Се фатиле како „слеп за стап“
– Од сите вонпарламентарни и парламентарни партии за првпат во историјата на независна Македонија само на една партија ѝ е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми. Скандалот да е уште поголем – не само што ни се забранети државните пари што по закон ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари, ние не ќе можеме да се рекламираме, затоа што со едноставно пропуштање, односно неспоменување во четирите законски предвидени пакети, ние сме изоставени комплетно како да не постоимe на политичката сцена. Ова е директна последица и пратен абер директно од премиерот преку неговиот подлизурко Зоран Трајчевски, вечниот директор на АВМУ, кои на овој начин се обидуваа да ѝ ги скратат крилјата на Левица. Но, сакаме да им порачаме дека ова нема да помине, напротив, ќе има обратен ефект на бумеранг, бидејќи народот гледа како на една партија ѝ се прави класична неправда – порача Апасиев.
Тој излезе на прес-конференција пред Уставниот суд, каде што партијата поднесе тужба со времена мерка, односно побара Уставен веднаш да се произнесе.
– Не знам дали знаете, три вакви случаи досега имало и Уставниот суд прави финта, а тоа е дека кога поднесуваме ние претставка или иницијатива, тој го става актот за гласање во декември и констатира многу бегло дека актот повеќе не е во сила и нема што да оценува – порача Апасиев.
Во оваа група обесправени е и партијата ЗНАМ, но простор за политичко рекламирање нејзе ќе ѝ отстапи коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ.
– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии од власта што на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ (Коалиција Твоја Македонија) и на политичката партија Движење БЕСА (Коалиција Вреди). Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на политичката партија СДСМ (Коалиција за локални избори 2025) и на политичката партија ДУИ (Национална алијанса за интеграција НАИ). Во максимум 1-та минута наменета за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на политичката партија ЛДП (Коалиција „Искуство за успех“), на политичката партија Демократска партија на Турците на Македонија и на политичката партија Демократска партија на Србите во Македонија. Преостанатите 30 секунди се наменети за подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија, односно за кандидатите од групи избирачи – стои во усвоеното упатство.
Иако Левица ја нема во овие категории од упатството, Апасиев смета дека ова е едно искривоколчено граматичко толкување и институциите се држат како „слеп за стап“, дека најголемите политички партии треба да добијат најмногу простор. Според него, тоа не значи дека тие треба да го добијат најмногу, затоа што политичката ситуација се менува и се појавуваат и други политички субјекти со повеќе пратеници.
– Пропорционално, од тие две минути треба да земат двете најголеми партии, а остатокот треба да го земеме ние, тие го толкуваат ригидно, граматички. Целта на Законот е сите да добијат. Може да се најде соломонско решение. Ова ни е поздрав од Мицкоски, со абер дека и на следните парламентарни избори ова истото ќе ни се случи. Нечуено е ова што ни го прават, следно би било најверојатно да ни ја забранат партијата со подзаконски акт да не може да учествува на изборите – рече Апасиев.
Ќе „одат“ до Стразбур
Според него, случајот ќе заврши во Стразбур, а најави кривични пријави лично против сите членови на Советот на АВМУ кои беа избрани неодамна.
Левица со претставката што ја поднесе до АВМУ, но не беше прифатена, бараше целосно бришење на точката 10 од Нацрт-упатството, преформулирање на точката 3, со дистрибуција на платените рекламни секунди пропорционално меѓу сите партии со пратеничка група. Во конкретниот пример, партијата предлага распределба во сооднос 3:2:1, при што најголемите партии добиваат најмногу секунди за рекламирање, а помалите парламентарни партии, како Левица и движењето ЗНАМ, добиваат соодветен дел.
Директорот Трајчевски за донесеното упатство се повика на Изборниот законик и вели дека сегашното упатство е исто со тоа што важело за локалните избори во 2021 година, со тоа што сега се сменети само партиите на власт и во опозиција.
Левица побара од собранискиот спикер Африм Гаши по итна постапка да се смени Изборниот законик и да се коригираат системските слабости, но од Собранието нема одговор на неговиот повик. Од Уставниот суд велат дека до попладневните часови нема стигнато иницијативата од Апасиев.