
„Лајка“ со кампања ги потсетува граѓаните да го собираат изметот од милениците
И покрај многубројните апели на надлежните, но и законски пропишаните казни за загадување на природата, сепак сѐ уште има сопственици на кучиња, кои не се откажуваат од лошите навики и не се грижат отпадот од своите миленици да го соберат и соодветно да го фрлат во канта
Скопјани постојано мора да внимаваат да не згазнат на кучешки измет додека шетаат на тротоар или, пак, решиле своето дете или внуче да го прошетаат во најблискиот парк или во некое детско игралиште. Овој проблем со измет од животните чии сопственици најчесто рано наутро или доцна навечер ги шетаат низ градот, а притоа не го собираат отпадот по своите миленичиња претставува сериозен проблем во главниот град со години, а можеби и со децении наназад.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Па, така, и покрај многубројните апели на надлежните, но и законски пропишаните казни за загадување на природата, сепак сѐ уште има сопственици на кучиња што не се откажуваат од лошите навики и не се грижат отпадот од своите миленици да го соберат и соодветно да го фрлат во канта. Состојбата е идентична во речиси сите скопски општини, а овој проблем само се зголемува и поради изметот што го оставаат зад себе уличните животни за кои никој не се грижи.
Тревници, пешачки патеки, тротоари валкани со измет од животни. Живеам во Ѓорче Петров и сведок сум дека луѓето одговорни за хигиената во мојата општина, секојдневно ги чистат и овие валканици, кои всушност се задолжение и одговорност на сопствениците на кучињата, но залудно. Реагираме со укажување дека постои закон и нивна обврска е да го соберат изметот на сопственото милениче, но за чудо се соочуваме со бесрамно одмавнување со глава и дофрлувања од типот: „Ако ти пречи, ти собери го“, „Гледај си твоја работа, мене ме боли ’рбетот“. Се прашувам, зошто воопшто некои луѓе земаат обврска да чуваат милениче дома, кога ги мрзи да го соберат нивниот измет надвор. Изобилуваме со некултура и несовесно однесување, со чест на ретки исклучоци – вели Лидија од Ѓорче.
Сепак, радува и фактот што има и совесни сопственици на кучиња што уверуваат дека никогаш не излегле од дома да го прошетаат кучето без со себе да понесат кеса за собирање измет. Тие негодуваат за, како што велат, малиот број канти наменети за фрлање ваков тип отпад, па поради тоа се принудени собраниот измет да го фрлаат во обичните контејнери за ѓубре.
Токму во обид да се подигне свеста кај сопствениците на кучиња, ЈП „Лајка“ почна кампања во рамките на одбележувањето на Мeѓународната недела за подигање на свеста кај сопствениците на кучиња за собирање на изметот од милениците од јавна површина.
Ги советуваме сите сопственици на кучиња да го собираат изметот кога ги носат на прошетка на јавна површина, улица, паркови, тревници итн. За оваа намена постојат специјални кесички, но и обичните може да бидат соодветна алтернатива. Да бидеме совесни граѓани и сопственици и да ја одржуваме животната средина околу нас секогаш чиста – апелираат од ЈП „Лајка“.
Колку за потсетување, доколку сопствениците на миленичињата не го собираат изметот од кучињата што ги шетаат, можат да бидат казнети според Законот за јавна чистота, каде што е предвидена казна од 50 евра.