
Курти од САД: Јас сум нормален, екстремен изгледам поради моите ненормални претходници
Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека, за разлика од „попустливите претходници“, неговата влада доследно ги затвора нелегалните институции на северот, иако токму тоа сега создавало дипломатски тензии бидејќи не му помагало на Вашингтон во оддалечувањето на Србија од Москва.
Премиерот на Косово, Албин Курти, од САД изјави дека нема да прави компромиси кога станува збор за „конечното владеење на правото“ на северно Косово, што, според него, е причината за суспензијата на Стратешкиот дијалог со САД, објави порталот „Косев“.
Препорачано
Критикувајќи ги своите претходници дека биле „премногу попустливи“ кон Србија, тој оцени дека неговата влада е доследна во затворањето на „нелегалните институции на северот на земјата“, поради што сега се соочува со дипломатски пречки – бидејќи, според пораките на американски официјални лица, тоа не му помага на Вашингтон во напорите да ја оддалечи Србија од Москва.
Откако претседателката Вјоса Османи речиси една недела престојуваше во Њујорк, Курти отпатува во САД по суспензијата на Стратешкиот дијалог на 12 септември, токму поради неговите политики и изјави.
Курти пред заминувањето изјави дека односите со САД не се „нарушени“, туку дека постојат разлики околу „нелегалните институции на Србија“.
„Тродимензионални односи“
Во САД тој повтори дека Косово има „тродимензионален договор“ со Америка – во сферата на развојот, дипломатијата и одбраната – и рече дека причината за „привремената суспензија“ на дијалогот е токму затворањето на нелегалните структури на северот.
„Најголемата пречка ја имаме во дипломатијата зашто САД сметаат дека е исклучително важно да ја оддалечат Србија од Истокот, бидејќи Србија е тесно поврзана со Москва. Ние, пак, доследни во владеење на правото, демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет – според некои американски политичари и дипломати – не им помагаме на САД да ја одделат Србија од Руската Федерација. Но, искрено, тоа не треба да биде мој проблем. Јас ги претставувам интересите на Република Косово,“ рече Курти.
„Нормален, иако можеби малку екстремен“
Курти кажа дека не е селективен за криминалот поради страв од Западот.
„Јас не сум премиер кој ѝ вели на косовската полиција: ‘Не апсете го овој српски криминалец зашто ќе бидеме критикувани од Брисел и од Вашингтон’. Ако го фатат – добро за полицијата, лошо за него,“ објасни тој.
Косовскиот премиер призна дека постапува поинаку од своите претходници, кои, според него, биле премногу попустливи и му оставиле товар.
„Јас сум нормален, изгледам малку екстремен, но тоа е поради моите претходници кои не беа нормални,“ изјави Курти.
За Белград, пак, додаде дека „малку благост никогаш не била корисна“.
„Колку подобро се однесувате со нив, толку полошо тие се однесуваат со вас. За автократите и за диктаторите, ако покажете малку великодушност, тие мислат дека се плашите, а не дека сте великодушни,“ порача тој.
Повторни критики до Уставниот суд
Одлуката на САД за суспензија на стратешкиот дијалог предизвика и реакции на американската амбасада во Приштина, која се вклучи во критиките кон Самоопределување, односно кон премиерот за неговите напади врз Уставниот суд на Косово.
Но, и во САД, Курти повторно го критикуваше истиот суд, овој пат поради друга причина. На дискусија организирана од Институтот „Золберг“ при Универзитетот „Њу скул“ во Њујорк, на тема „Поддршка на граѓаните во глобалната економска криза: што светот може да научи од Косово“, тој ја осуди одлуката на судот со која беше укинат законот за ограничување на профитите кај основните производи, нарекувајќи ја „погрешна и лицемерна“.
Курти потсети дека истиот суд неколку месеци претходно заклучил дека платите на судиите и другите високи функционери не смеат да зависат од пазарот, туку се „стекнато право“, по предлог на Владата да бидат намалени.
„Значи, од истиот суд, кој силно го поддржуваше слободниот пазар кога станува збор за помош на сиромашните домаќинства, немаа ист став кога стануваше збор за нивните прекумерни плати,“ изјави Курти.
Тој додаде дека никогаш не се двоумел да ги критикува одлуките на Уставниот суд кога сметал дека се „погрешни или лицемерни“. Одлуката за забрана на лимитирање на профитот кај основните производи ја нарече „најболна судска одлука во последниве четири години“, бидејќи, како што рече, направила „голема штета на најранливите граѓани и семејства на Косово“.
Односи со албанската дијаспора
За време на престојот во Америка, Курти присуствуваше на прославата на 85-годишнината и 75-годишнината на поранешниот американски конгресмен со албанско потекло Џо Дио Гварди и неговата сопруга Ширли, нагласувајќи го нивниот придонес во застапувањето на албанските интереси во американската политика.
Тој се потсети и на тројцата браќа Битиќи, американски државјани со албанско потекло, кои беа убиени од српските сили во 1999 година, како и на жртвите на терористичките напади од 11 септември во Њујорк, изјавувајќи: „Љубовта живее, слободата победува“.
Институционална криза во Приштина
На 12 септември 2025 година, САД го суспендираа планираниот Стратешки дијалог со Косово, што предизвика дипломатско незадоволство и предупредувања за нарушување на односите со клучниот сојузник.
Косово, во меѓувреме, се соочува со институционална криза: речиси осум месеци по изборите, Собранието сѐ уште не е целосно конституирано. Новоизбраниот претседател на парламентот, Димаљ Баџа, на 30 август прогласи дека Собранието е конституирано, но Српска листа ја оспорува постапката. Уставниот суд донесе привремена мерка со која ја суспендираат работата на пратениците и формирањето на владата до крајот на септември.
Претседателката Османи смета дека парламентот може да функционира и без потпретседател, додека, пак, опозицијата предупредува дека парламент без српски потпретседател е нелегитимен.
На тој начин, во пресрет на локалните избори на 12 октомври, и во очекување на нова одлука на Уставниот суд, Косово останува без стабилна влада, со привремено блокиран парламент и со замрзнат стратешки дијалог со клучниот сојузник – САД.